Заев најави решение за грозјето, владата ќе интервенира со четири денари за килограм


Четири денари субвенции за килограм грозје најави од собраниската говорница мандарот за премиер Зоран Заев, во една од ретките конструктивни дискусии денес што се разви меѓу него и поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски. За таа цел изминатите денови се одржал состанок со винарските визби на кои присуствувале дел од пратениците од Тиквешијата, како и сегашниот министер за земјоделство и кандидаатот за иден министер.

„Оваа сезона влегуваме со рефлексии од корона кризата – во визбите има 30 милиони литри повеќе вино, тоа се над 40 милиони килограми грозје“, рече Заев.

Тој објасни дека се разработуваат две идеи кои што веќе следната недела кога ќе профункционира новата влада ќе се применат. Тоа, како што рече Заев, е подготвеноста да се убедат визбите да ја зголемат до максимум откупната цена за грозјето која стартуваше од 4-5, односно шест – седум денари, во зависност дали станува збор за смедеревка или за вранец.

„Се потрудивме да ја постигнеме најмалку ланската откупна цена која што беше 15 денари со 13 денари, заедно со двата денари субвенција од владата. Оваа година откупната цена на партнерски основ – потврдија сите визби, ќе биде 11 со девет денари, при што владата ќе интервенира со четири денари за да може да постигнеме 15 со 13 денари. Нема да застанеме тука туку 2,5 милиони евра од 5-те предвидени во буџетот ќе одат директно за двата денари субвенција, а останатите 2,5 милиони евра ќе одат за поддршка на транспортните трошоци за извоз на наливното вино и на флашираното вино“, рече Заев објаснувајќи дека ќе се субвенционираат трошоците за транспорт во износ од 30 отсто за флашираното вино и 20 отсто за наливното се со цел да се испразни вишокот количини.

„Верувам ќе постигнеме да се откупи целото грозје и да се постигнат најмалку откупните цени од лани“, рече Заев.

Тој со ова реплицираше на дискусијаата на пратеникот Димовски, кој во својот критички настап се осврна на проблемите во земјоделството. Зборувајќи за состојбите со откупот на грозјето тој му порача на идниот министер за земјоделство, првиот работен ден откако ќе го испие го кафето веднаш да се упати ви Кавадарци и да го регулира откупот на грозјето.

„Четири денари е откупната цена за смедеревката, а седум денари за вранецот. Тешко на таа влада, тешко на министерот ако се согласи на ова. Откупната цена треба да биде 18 денари за килограм. Не ги слушајте винарските визби што зборуваат, слушајте го гласот на лозаропроизводителите, секогаш се тие во право. Во регионот и пошироко откупната цена за килограм грозје е 30 евроценти. Така мора да биде и во Македонија“, рече тој.

Во одговор на репликата на Заев, Димовски рече дека винарските визби не треба да плаќааат 11 или 13 денари, туку 18 денари.

„Тие имаат добра цена затоа што 42 евроценти е литар наливно вино, не е 18 центи како во 2010-2011 година, а флашираното вино е над 1,20 евра најниска цена. Има и за 25 евра по шише“, рече Димовскии и додаде дека е редно винарските визби еднаш да отстапат од бизнис интересот.

„Не смее да се случи да ја сечат гранката на која што седат, во земјава има 26 илјади хектари лозови насади. Ако оваа година не успееме, заборавете на лозаропроизводство и на винарство во Македонија“, рече Димовски, укажувајќи дека ситуацијата е многу опасна. (М.Ј.)