Заев најави ред, дисциплина и правда по изборите


Изборната програма на СДСМ е под мотото „Можеме. Уште повеќе и уште подобро“ (Фото: Борис Грданоски)

Пред три и пол години тоа беше „едно општество за сите“, сега за овие избори тоа ќе биде „правда за сите“. СДСМ вечерва во скопскиот хотел „Александар палас“ на конгрес ја објави својата изборна програма под мотото „Можеме. Уште повеќе и уште подобро“.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најавувајќи нова светла иднина на државата, која е де факто членка на НАТО и која ќе ги почне преговорите со ЕУ, ја објави таректоријата по која ќе се движела владата, која ќе ја предводи нивната коалиција. Некои промени беа забележителни во однос на кампањата  од претходните избори. За време на говорот Заев често се навраќаше на состојбата со правосудство во земјата за да најави со цврста решеност дека сега следуваат „ред, дисциплина и правда“. Дури и европеизацијата која ја споменуваше ја означи со зборовите „ред, дисциплина и иднина“.

Заев изјави дека со со усвојувањето на Законот за јавно обвинителство „целосно расчистуваме со груевизмот и неговите остатоци во судството“ и најави ревизија на судски процеси што и претходно се споменуваше. Тој тоа го формулираше во согласност со изборниот слоган: „Можеме и ќе обезбедиме правна држава“. Според него, сега е на ред правосудството да испорача правда без притисоци.

 

Целата програма Заев ја претстави како концепт заснован на пет столба. Едниот е правната држава, во економскиот дел објави дека владата на СДСМ во наредните четири години ќе отвори 100.000 нови работни места, ќе обезбеди голем пораст на платите, а невработеноста ќе ја спушти на осум отсто. Други столбови се претворање на земјата во еко држава и како што рече Заев, „време е за нова револуција, дигитална револуција“.

Во некоја рака очекувано, Заев одвои еден дел од говорот пред самиот негов крај да упати остри критики до Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека уште бил извршител на Никола Груевски и дека нуди само „мрак и страв“. И дека ова ВМРО-ДПМНЕ и понатаму го „брани криминалот на Груевски“. „Нека си седат во минатото“, рече Заев, ние ќе одиме во иднината.

По отворениот дел на конгресот започна работата која беше затворена за јавноста и на која требаше да се определат кандидатските листи за шесте изборни единици. (Н.В.)