Заев најави нов предлог – нема пресметување затезни камати во недоглед


Покрај законското решение во Законот за облигациони односи со кое износот на каматите за задоцнетите побарувања да не го надминува главниот долг, во процедура е и нов предлог со кој ќе се стави крај на бесконечното пресметување на затезни камати, најави денес премиерот Зоран Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање како новото законско решение за каматите ќе се одрази врз компаниите и институциите, Заев рече дека целта на ваквите предлози е да им се помогне на посиромашните граѓани.

„Првото решение е дека каматата не може да биде поголема од главниот долг, а второто решение, кое се надевам дека парламентот ќе го поддржи, е застареноста да биде пресечена на десет години, односно делот на каматите кои што поминуваат после десетата година да не смеат да се пресметуваат“, рече Заев.

Тој додаде дека за ова веќе разговарал со пратеничката група, како и со министерот за правда, и го дал неговото мислење.

„Прво, дефинитивно ќе предизвика одредени последици кај банките и кај компаниите, но ако сите тие доверители не успеале за 10 години да ги наплатат побарувањата и да продолжат после 10 години да пресметуваат затезни камати, тоа е маѓепсан круг во кој се влезени граѓаните, а ништо нема да значи за правните субјекти, банките или фирмите“, рече Заев.

Според него, кога после десет години не успаеле да го наплатат таквото побарување, дефинитивно станува збор за пресметан ризик и во таков случај правните лица треба да го отпишат.

Во однос на решението за ограничување на каматата наспроти висината на главниот долг, Заев рече дека реакцијата на граѓаните беше дека за сметка од 1.000 денари преку извршител стигнува за наплата многу поголем износ кој само за додадените камати е две – три илјади денари, а заедно со извршителските, судските трошоци има извршни решенија од 20 илјади денари за долг од 1.000 денари.

„Целта е тоа да се прекине. На крајот, државата постои за граѓаните. Правните субјекти и да изгубат, ќе изгубат дел од нивната добивка, не ја губат фирмата, нема да пропадне банката, или компаниите“, рече Заев, нагласувајќи дека предложеното решение се однесува на период после десет години, кога веќе не успеале да наплатат.

„Тоа е суштината, тоа ќе овозможи да се деблокираат десетици илјади блокирани трансакциски сметки на наши граѓани кои се влезени во маѓепсаниот круг на бесконечно долгување“, рече Заев, додавајќи дека во такви услови никако не можат да ги одблокираат сметките.

Поради тоа, како што објасни, често тие граѓани не бараат регуларна работа затоа што не можат да земаат плата, бидејќи ќе им биде блокирана од страна на извршителите.

„Затоа, учествуваат во делот на невработеноста на државата, а социјалните аспекти и тежината на животот на тие граѓани е огромна. Ако сме солидарни и социјално општество, јас преку овие објаснувања ја повикувам целата јавност да ја даде поддршката на ваквите решенија“, рече Заев