Заев најави изградба на автопатот Скопје-Блаце за две ипол години

Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев на средбата со албанскиот колега Авдулах Хоти  најави дека во првото тромесечие од  идната година ќе се реализира комплетно подготовката за изградба на автопатот Скопје – Блаце, односно да завршат сите експроприации и да се обезбедат сите проектни документации, а во наредните две ипол години патот да биде изграден.

-Колку што е важен за Косово овој пат толку е важен и за нас бидејќи 45 минути ќе биде патувањето од Скопје до Приштина.За првата делница од околу 2 километри е завршен тендерот, победи ‘Гранит’. Втората делница е на завршување на експроприационите односи каде треба да го решиме поранешниот полигон со Генералштабот кој стои на таа делница. Во моментот се решаваат и оние 600 метри меѓуграничен премин како да влезат внатре покриени преку ИПА-компонентата. Ако сите овие работи ги завршиме до крајот на годината, верувам дека во првото тромесечје од 2021 ќе се стартува со комплетна реализација на ова автопатско решение. По проектните документации на Европската банка за обнова и развој за тоа е предвидено 3 до 4 години, јас верувам дека ќе биде за 2,5 години, може да се стигне. Затоа што е 21 век, има современи и добри механизации имајќи во предвид дека доста време се изгуби на други прашпања како што е експропријацијата, рече Заев и меѓудругото додаде дека се разговарало и за поврзување на Тетово и Призрен.

Тој најави и други клучни проекти со Косово, како поврзување на Скопје и Приштина со природен гас, едношалтерски граничен премин , развој на туризмот на Шар Планина од двете страни и други проекти.

На забелешката дека Косово за три години изгради 60 километри а нам за 12 километри ни требаат три децении, Заев рече дека и во Косово неколку години се работело на експропријација  и на проектната документација.

-Застанати сме на полигонот Стенковец, тоа мора да се реши бидејќи тоа е безбедносна зона, но верувам дека ќе биде направено со брза динамика. Мора да се испочитуваат сите правни постапки за да почне реализацијата на автопатот, рече Заев.

-Имаме доста перспективи на кои ќе работиме, порача тој, откако ги наброја сите проекти што се планираат со Косово, покрај автопатот и најави заедничка меѓувладина седница кога условите со епидемијата ќе го дозволат тоа.

Косовскиот премиер, запрашан како го толкува ставот на ОН дека претседателот Хашим Тачи и лидерот на Деморатската партија Кадри Вејсели ја попречуваат работата на Специјалниот суд за Косово,  Хоти рече дека Косово покажало решеност да ги почитува одлуките на правните органи, ако притоа се тргне од принципот дека секој е невин додека не се докаже спротивното и не заврши процесот.

-Треба да се почитува целосно принципот на презумпција на невиност додека нема одлука на судот, рече Хоти додавајќи дека и претходно покажале институционална мудрост за исполнување на одлуките на правните институции.

-Овој суд впрочем е дел од правниот систем на Косово иако е стациониран во Хаг, рече Хоти.

Во однос на епидемијата со корона вирусот Хоти одбегна да прецизира дали ќе се воведат ПЦР тестови за македонските граѓани по зголемувањето на бројот на заболени од Ковид-19. Тој порача дека мерките што се преземаат да не се гледаат како ограничувачки, туку како мерки за спречување на вирусот.

–  Министрите за здравство на двете држави работат заеднички. Косово сега е во подобра состојба отколку претходно, додека овде во Скопје почна да расте бројот на заболени. Мерките што ги преземаме, треба да се подразберат како мерки за спречување на вирусот, а не како ограничувачки мерки, рече Хоти.

Хоти е во еднодневна посета на земјата и притоа има средби со целиот државен врв а вечерва во негова чест премиерот ќе организира вечера.

Владината делегација на Косово предводена од премиерот Хоти е составена од заменик-претседателот на косовската Влада Дритон Селманај, министерката за надворешни работи и дијаспора Мелиза Харадинај Стубла и амбасадорот на Косово во земјата Ѓерѓ Дедај. Во рамки на посетата премиерите Заев и Хоти реализираа тет-а-тет средба и официјална средба заедно со делегациите на двете земји.