Заев најави формирање комисија од европски и домашни правни експерти во првите 100 дена

Во првите 10 дена на новата влада на СДСМ ќе биде формирана комисија од европски и домашни експерти која треба да ги постави основите за прочистување на судството. Ова вечерва во госувањето на Телма го најави лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев, зборувајќи како да се стигне побрзо и подобро до правдата во судовите.

Тој објкасни дека веќе ја побарале оваа помош од Европската комисија, за да може европските експерти да бидат ослободени од секаков можен политички притисок во земјава, без оглед од која страна доаѓа. Со формирањето на оваа комисија Заев верува дека реформите во правосуството ќе бидат побрзи, а и ќе бидат во согласност со европските барања.

Заев зборуваше и за односите со ДУИ и неговите чести повици дека е време интегративците да заминат во опозиција. „Во 2017 година се најдовме на иста страна, во прогресивниот блок, потоа донесовме извонредно важни одлуки, но таа соработка не беше секогаш лесна. Посебно имавме проблеми околу транспарентноста„, рече Заев

Тој се осврна на предлогот на ДУИ за Насер Зибери како прв премиер Албанец. „Знам што мисли господинот Зибери, со него сме разботеле заедно на проекти и знам дека ги поддржувал нашите политики“, така што сега за него изгледало чудно што влегол во националистичка реторика на ДУИ.

„Мора на сите да им биде јасно – уцени не прифаќаме. СДСМ има најголем потенцијал за коалицирање па со тоа нам ни се олеснува целата работа, додека овие наспроти нас се закануваат дека ќе уништат сѐ. Особено договорите со Грција и Бугарија“, рече Заев.

Во една нијанса дека сепак е можен постизборен договор, Заев спомена дека „ако се повлечат од уцените сѐ е отворено за разговор, но моја желба е ДУИ да оди во опозиција“. Според него, времето на национализмите заврши и дојде добата за европеизирање на сите на политичката сцена.

Заев уште спомена еден интересен детаљ околу аферата „Рекет“ – дека Бојан Јовановски пуштал „абери од сите страни барајќи спас“, но дека тој не ни помислувал да се јавува кај судиите. Лидерот на СДСМ воопшто не се плаши од кривичните пријави што ги доставуваше Бојан Јовановски, затоа, како што тврди, е целосно чист.

Во интервјуто Зоран Заев едвај го спомена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, освен на неколку пати и тоа во конткест на објаснувањето во одговорите на прашањата на водителката. (Н.В.)