Заев најави дека доаѓа време на правдата

Премиерот ја повика опозицијата да се приклучи на европскиот пат и да даде свој придонес

 

Патот кон независноста е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации. Овој вековен идеал на македонската историја се исполни на 8 Септември, пред 29 години, кога застанавме еден до друг, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, кога се обединивме во создавањето заеднички дом за сите. Денес, ја славиме независноста слободни и отворени кон светот. Ја имаме неповторливата можност да седнеме на масата на европските држави. Да го зграбиме моментот и самоуверено да породлжиме по европскиот пат, порача премиерот Зоран Заев во денешното обраќање по повод Денот на независноста, 8 Септември.

Пред гостите на централната свеченост што се одржа во дворот на Владата, Заев го потенцираше значаењето на 8 Септември 1991 година, денот кога, рече, граѓаните на Република Македонија на сите идни поколенија им го дадоа најголемиот подарок  – независноста на државата. Но, се осврна и на актуелните предизвици. Подвлече дека за модерна, успешна и европска земја, е подеднакво важно учеството на секој граѓанин. Во оваа прилика, Заев ја повика опозицијата да ги напушти, како што рече, тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување.

Осми септември 1991 година ќе остане запамтен, рече Заев, како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни и стратешки патокази на тој пат беа НАТО и ЕУ. Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна држава членка на Северноатлантската алијанса и земја која е на пат за членство во ЕУ.

 

Прославата на 8 Септември започна со промена на знамињата пред Владата (Фото: Б. Грданоски)

Борбата за правда, напомена Заев, ќе биде врвна заложба. Но, не помалку важни ќе бидат и борбата со корона вирусот, трансформирањето на економијата во модерна, динамична, иновативна и конкурентна,  како и следењето на зелената и дигитална ера кон која стремат сите развиени општества.

Токму нам, на сегашните генерации, додаде, ни припадна привилегијата, но и одговорноста да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава, зашто државата и општеството се независни и слободни толку колку што е независен и слободен секој граѓанин на Северна Македонија.

„Крушевската Република беше временски краткотрајна, но со трајни историски вредности и наследства. Народот, а потоа и Социјалистичка Република Македонија беа круната на вековниот процес за создавање македонска држава. Сите големи и преломни историски процеси и настани на нашата државност и независност беа проследени со борба за слобода, правда, еднаквост и солидарност. А оваа борба против сите форми на репресии, неправди и против фашизмот е во темелот на македонската државност. Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност и самостојност и низ годините успеа да остане на демократскиот пат, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западноевропскиот демократски цивилизациски круг. Самостојноста и самотијата не одат рака под рака. Денес, на 29 години од славењето на нашата самостојност, татковината наша има најмногу пријатели. Благодарение на тоа годинава со кренати чела слободни и отворени кон светот ја славиме независноста“, рече премиерот.

 

На прославата присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски (Фото: Б. Грданоски)

Според него, уште на самиот почеток граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност. „Нашето место во ОН е недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.  Благодарение на напорите кои во минатиот мандат ги насочивме на надворешен план со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, договори со кои Северна Македонија по децениско заостанување направи пробив на меѓународен план. Сето ова се реализираше првенствено низ полноправното членство на нашата држава во НАТО и почеток за преговори со ЕУ, како и низ градењето на партнерски однос со сите наши соседи“, истакна Заев.

Тој рече дека доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување.

„Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон, а ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на сите граѓани“, рече Заев.

Во врска со пандемијата на корона вирусот тој рече дека ќе ја добиеме битката. Здравствениот систем е функционален и секому е пружена соодветна здравствена заштита. „Оваа пандемија уште посилно ја потврди нашата заложба и во овој мандат да продолжиме со инвестирање во здравствениот систем, инвестирање во инфраструктура и опрема од кои особено е важен проектот за изградба на нов модерен Клинички центар во Скопје“, рече премиерот.

Тој ја повика опозицијата да се приклучи на тој пат и да покаже државничко однесување. А и секој граѓанин да даде свој придонес. „Ја повикувам и опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување. Патот кон независноста е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации во македонската историја“, порача Заев во обраќањето.

Централното чествување пред Владата, организирано согласно сите КОВИД протоколи, почна со чинот на менување на знамињата пред платото на Владата, по што беше интонирана македонската химна. Потоа  беше прикажано видео кое испрати пораки по повод 29 години од независноста на државата.

Претходно, во рамки на одбележувањето на празникот, премиерот Заев со владина делегација положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на гробиштата во Бутел. Цвеќе положи и собраниска делегација. (МИА)