Заев најави бришење на зборот бугарски од описот за „фашистички окупатор“
Патоказот, краткото и долгото име на државава, немешањето во внатрешните работи и преговарачката рамка, којашто е работа на ЕУ со Бугарија, се конкретните чекори на коишто работиме и верувам ќе ги сработиме до крајот на годината, изјави денеска премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање кои се конкретните чекори што бугарскиот државен врв вчера ги побара од Скопје да ги исполни, на средбите со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
– Верувам дека сите овие месеци наназад градиме дополнителни пријателства, трговијата расте, имаме меѓусебни инвестиции во двете земји, соработката помеѓу институциите е се повидлива, инфраструктурата помеѓу двете земји се повеќе и повеќе се подобрува затоа што не е само правно формално што ќе се договори, туку важно е и да ја подобруваме севкупната соработка и инфраструктурното поврзување помеѓу двете земји, рече Вархеји.
Појасни дека е прво е потребно да има дипломатска нота во којашто ќе се опишува дека краткото Северна Македонија е исто со Република Северна Македонија, дека немаме територијални претензии, дека не се мешаме во внатрешните работи, како и за малцинските права, посочувајќи дека поради тоа што тоа се граѓани на Република Бугарија свои права треба да ги бараат како луѓе, како поединци, така како што е организирано и во Македонија, и во сите европски земји.
Тука, дополни, влегува и секторската соработка меѓу институциите од сите области, вклучително областа инфраструктура, образованието и труд и социјала, како и култура, спорт и здравство. Според Заев важно е и да се реагира во спречување на говорот на омраза, пред се самите институции да водат грижа низ сите свои активности да градат пријателство, а не да провоцираат одредени непријателства, но и да делуваме со разговори, со апели, кога се работи за приватни субјекти.Тој изрази подготвеност Бугарија да биде вториот партнер на државава, покрај Грција, којшто ќе се грижи за македонското небо.
Во однос на спомениците, Заев рече дека голем дел од спомениците што ги има и во Бугарија и во Северна Македонија треба да бидат во пријателски дух, така што, посочи, фашизмот не смее да има етничка димензија.
– Во одредени наши споменици веќе тоа е направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор сега веќе е фашистички окупатор, затоа што не можете нација да обвините за тоа, за учество во третиот пакт во тоа време или слично. Така што во тој дел кај што прашувате за промена на називи, на музеи и слично не, немаме потреба. Нас музеите ни се во ред, туку одредени споменични целини, одредени учебници и во Северна Македонија и во Бугарија односно во двете страни ќе треба во духот на пријателството да ги учиме и следните генерации, рече Заев.
На новинарско прашање дали ќе се менуваат учебниците по историја, Заев рече дека нема, туку се зборува за термини каде што стои називот на пријателската нација, тоа е Бугарија поврзана со фашистичкиот окупатор.
– Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата, се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателството, соработка и добрососедство нормално очекуваме тоа да се направи. Имаме препознаено одредени слабости и во бугарските учебници, спремни се исто така и од бугарската страна тоа да го направат оти така се гради пријателство, затоа што ниту внуците и децата на генерациите наназад, ниту пак во тоа време можете да оквалификувате цела една нација за одредена определба, истакна Заев.