Заев: Над 200 функционери ќе бидат сменети, процесот ќе заврши на почетокот на јули
Над 200 лица ќе опфати најавената „метла“ на премиерот Зоран Заев. Покрај министрите, за кои веќе утре Собранието треба да ги разреши и да гласа за новите предлози на премиерот, ќе опфати заменици министри, директори на централно ниво, членови на управни одбори, надзорни одбори, директори на локално ниво…
Ова го најави премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју на Сител ТВ, кој оценува дека доволни се промените во министерските места во Владата и дека се продолжува со промените по вертикала, а очекува целиот процес да заврши на почетокот на јули.
– Голем дел од незадоволствоот беше концентрирано кон високи функционери кои ги нарекуваа и локални шерифи. Дел се политички функционери од СДСМ, каде се завршија големи промени, почнувајќи од најниско ниво, односно претседатели на општинските организации, извршниот одбор, централниот извршен одбор, дел од потпретседателите се нови каде сме во финална фаза, директорските места се тие каде што допираат граѓаните и секако од министерските места и дел од заменичките министерски места, што ќе се случат во периодот што претстои. Јасно ја доловив пораката од граѓаните каде тоа лежи незадоволството и секако дадов шанса на одредени министри кои имаат поголем капацитет и можат да го покажат. Верувам дека успешно го завршуваме тој процес. На самиот крај ќе ги очекуваме и следните решенија што ќе се случат на директорски места на централно ниво, во делот на управни одбор, надзорни одбори, на подрачните единици, директорски места на локално ниво. Комплетно ќе се работи за севкупна политичка и општествена промена на повеќе од 200 луѓе, рече премиерот.
За промената на министерот за финансии Драган Тевдвоски, потенцира дека не е незадоволен од работата на министерот и дека единствената причина е неговото влегување во ова Министерство.
-Се работи за министер и министерство кое ги направи најголемите реформи или е поврзано со реформите што се случаија во државата или дефинитивно претставува од тие што направија најмногу реформи. Така што благодарение на тоа Министерство се зголемија минималната плата, се укина радиодифузната такса и се обезбедија финансиски средства, преку самото Министерство се димензионираа политики кои овозможија подигање на социјалната политика. Влегувам во последната фаза јас лично како политичар кој добил мандат од граѓаните дефиниран преку парламентот да ја составам Владата во конечните реализации на програмските определби. Како што се зголемија социјалните помошти, верувам дека следуваат доста храбри чекори, доста решителни кои чест и одговорност ми е да ги носам јас и во таквите храбри и решителни чекори да постигнеме сериозни ефекти во зголемувањето на просечната плата, рече премиерот.
Тој додаде дека доколку бидат перформансите доволно добри ќе донесе и храбри одлуки и во делот на зголемување на пензиите со таргет од 1 јануари 2020 година, кое, како што потенцира, дефинитивно ќе значи чувствување на граѓаните на придобивки од севкупните економски политики.
Во врска со министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки кој со реконструкцијата е предлог да биде на чело на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, рече дека работите се решени низ дијалог и дека одлуката била заедничка Дураки да го напушти ресорот екологија и да премине во новото министерство.
– Низ разговори ги решавме работите. Притисок нема. Довербата е голема. Заедничка беше одлуката господинот Садула Дураки да ја напушти екологија. Тој е висока политичка фигура во ДУИ, одговорноста на едно општество за сите е на сите. Ова Министерство само по себе е создадено за да поминеме во едно ново ниво на живеење и опстојување етнички различни во мултиетничка Република Северна Македонија. Доста беше рамковен договор, Македонци, Албанци… Преку ова министерство сите стануваме граѓани. И тоа поминување на тоа повисоко ниво дефинитивно треба да биде дефинирано од помалку бројните заедници, не само од албанската. Во него ќе учествуваат и другите помалку бројни заедници. Од помалите етнички заедници ќе биде пополнети заменичкото место и државниот секретар, рече Заев и додаде дека очекува Дураки да даде придонес, бидејќи тој е потпретседател на ДУИ и тоа е основата зошто тој како политички претставник на најголемата албанска политичка партија во Владата си ја зема таа одговорност и тоа е сосема еден друг амбиент од тоа што е екологија.
Во интервјуто изрази уверување дека во октомври ќе добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ.
-Поприлично сигурен дека октомвриската одлука ќе биде одлука за добивање датум за преговори, рече премиерот
-Октомври по 15 години е конечно добивање одлука за почеток на преговорите. За мене е неповторлив драгоцен момент кое нашето општество, нашата држава, нашиот народ мора да го искористи. Доаѓаат убави времиња комплетно за сите граѓани во наашта земја. Во период од добивање НАТО членство или пред добивање членство и датум за почеток на преговори во сите земји кој поминале низ тој процес во некои шест месеци до година биле драгоцени и неповторливи и максимално треба да ги искористиме, рече премиерот и додаде дека со целиот свој кредибилитет и со целата одговорност за да одржиме економска лекција верувам дека таа лекција ќе ја потврдат дефинитивно граѓаните затоа што 2020 е изборна година.
Во врска сообјавената снимка со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, премиерот рече дека доколку истрагатата го потврди тоа треба да сноси одговорност и дека ќе побара оставка.
-Тоа е видое снимка што се појавила на социајлните мрежи, и оставам органите на истрагата тоа да го потврдат. Апелирам да се истражи. Законот мора да важи за сите. Секако ако се потврди во истрагата дека е тоа точна треба да си носи одговорност. Секако и јас сум првиот што ќе побарам оставка. Оваа Влада покажа и досега. Пвиот дел имаме осум сменети министри, сега имаме шест. Директори се сменија и ќе се сменат. Никогаш не било така да се има таква одговорност, но сите треба да тргнеме од личната одговорност и затоа при вакви случаи дефинитивно ако истрагата потврди она што го видовме буквално дека е такво и кога ќе се утврдат сите околности, зошто фер е да се слушне и другата страна за тоа што била причината, рече премиерот Зоран Заев.