Заев на „жешко столче“ во Лондон меѓу Трамп и Столтенберг


Независно од тоа дали Северна Македонија ќе стане 30. полноправна членка на НАТО на декемврискиот самит во Лондон или тоа ќе се случи нешто подоцна – по конституирањето на парламентот во Шпанија по изборите, министерката за одбрана Радмила Шекеринска оцени вчера дека нашата земја е веќе влезена во системот на Алијансата и дека е на иста маса со сите други земји членки на овој воено-политички сојуз. Така, и на самитот во Лондон, според информациите, македонскиот премиер Зоран Заев добил „посебна позиција“, односно столче меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Влегуваме во последната фаза на ратификации на протоколот за наше полноправно членство во НАТО и на исполнување на обврските“, изјави Шекеринска.
Таа посочи дека една од основните обврски за приспособување кон стандардите на Алијансата се измените во Законот за одбрана, што неодамна се пуштени во собраниска процедура. Со новата регулатива, како што посочи, покажуваме дека веќе не сме сами и дека од самоодбрана преминуваме во еден колективен систем на одбрана во кој нападот на која било членка на НАТО, значи напад на сите, така што и сите би се мобилизирале за помош. Со законот се пропишува јасна процедура за тоа како државата може да побара помош од НАТО, но и како ќе се носат одлуките за учество во одредени НАТО – операции. Клучната измена е во тоа дека одлуката за учество во НАТО- операции ќе ја носи владата, која секоја година за тоа ќе поднесува комплетни извештаи до Собранието. За другите мисии – на ОН,ЕУ… останува досегашната процедура, според која предлогот е на влада, а последната одлука е на парламентот.
Во законот се предвидува и можност за учество во мисии не само на припадници на Армијата, туку и на кадри од целиот одбранбен сектор, како и за лекари од резервниот состав кои доброволно би се пријавиле. Се регулира и правичната етничка застапеност, а согласно со НАТО-стандардите се уредува и „родовата перспектива“.
Законот за одбрана е системски и се носи со двотретинско мнозинство. Шекеринска соопшти дека текстот на законот го доставила до сите табори во парламентот и очекува тој да биде донесен со широк консензус.
„Нашата држава стигна на крај на процесот на ратификација на протоколот и затоа што, откако ја добивме поканата, покажавме дека тоа што ќе го ветиме го исполнуваме и дека сме партнер на кој можат да се потпрат. Сакам и оваа законодавна обврска целосно да ја завршиме пред самитот во Лондон и убедена сум дека и на тој начин ќе го изградиме впечатокот дека нашата држава е кредибилен партнер на НАТО“, истакна министерката за одбрана.
На брифингот со новинари, Шекеринска најави континуирано зголемување на буџетот за одбраната согласно НАТО стандардите, но и зголемување на процентот на средствата наменети за модернизација на опремата за Армијата и за инфраструктурните објекти. Таа најави дека до крајот на годината треба да биде потпишан договор меѓу владите на нашата држава и на САД во вредност од 150 милиони долари за модернизација, плус 30 милиони долари донација од САД за периодот од 2019 до 2024 година. Во следниот одбранбен буџет планирано е и трикратно зголемување на инвестициите во инфраструктурните објекти.
Во рамки на реформскиот процес, се намалува и бројката на вработени во одбраната. Од затечени 900 вработени, за две години бројот е намален на 800, од кои само 350 работеле во регионалните канцеларии. Се планираат и пакети за пензионирање, со цел да се направи подмладување на војската. За таа цел, во последните две години се примени 500 нови војници, а до крајот на оваа година се очекува да бидат примени уште 125. Се преземаат и мерки за усогласување со Законот за класифицирани информации, за што согласно НАТО обврските, од досегашните 1.500 лица кои имале НАТО безбедносни сертификати, бројот е намален на околу 250.

Можно е Шпанија да го ратификува протоколот „во последен момент“

Северна Македонија е де факто членка на НАТО, но дали Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство пред Лондон, жал ми е, но не можам ниту да потврдам, ниту да одречам. Можно е, вели во интервју за МИА амбасадорот на Шпанија во земјава Емилио Лоренцо Сера.
„Де факто, Северна Македонија е членка на НАТО. Преостануваат само формалности. Но, со оглед на претходните искуства на членките во процесот на ратификација, обично се потребни една и пол до две години, или 18-24 месеци. До самитот во Лондон ќе бидат изминати само десет месеци откако го потпишавте Протоколот. Значи сте постигнале крајно добар резултат“, вели амбасадорот Сера.
Според него, дали Шпанија ќе успее навреме да го ратификува Протоколот за северна Македонија тоа не е толку поврзано со резултатот од изборите кои се закажани за 10 ноември, колку што е, вели, со времето што треба да помине по изборите и начинот на кој се избираат членовите на парламентот.(А.М.М.)