Заев на Самитот на НАТО: „Одлично е да се биде тука“
Премиерот Зоран Заев пред почетокот на денешниот самит на НАТО во Брисел изјави дека ова е историски момент за Македонија затоа што тоа прв пат нашата земја да присуствува на нависокиот собир на Алијансата. Заедно со Зсев на Самитот се и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Еве ја изјавата на Заев пред почетокот на пленарната сесија на лидерите на НАТО:
„Навистина е одлично да се биде тука, многу сум почестен.
Ова е историски момент за мојата земја. Ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв Самит за НАТО со 30 членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО.
Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цел, но дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан.
Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21. век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани.
Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО.
Денес сме тука за да го потврдиме нашето единство, кохезија и солидарност. Ние исто така ќе се осврнеме на идните предизвици и заедно ќе донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО.
Ние ги делиме истите вредности, стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и сме целосно посветени на нашата колективна безбедност: Затоа што ние сме НАТО. Заедно сме посилни!“