Заев на „Патот до Преспа“: Балканот е новата надеж на Европа


Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа. Ние денеска врз основа на нашето искуство од патот до Преспа и до договорот со Грција слободно може да го кажеме тоа со потполно право. Ние сме Европа повеќе од кога било.

Ова го нагласи вечерва премиерот Зоран Заев на конференцијата „Патот до Преспа“, во рамки на „Преспа форум дијалог“ на која зборуваат и Алексис Ципрас, Метју Нимиц, Талат Џафери, Али Амети, Филип Рикер, Никола Димитров, Федерика Могерини, Бујар Османи, Јоанес Хан, Радмила Шекеринска, Лорд Робертсон и Алан Лероа.

Зборувајќи за патот по кој се дојде до договорот од Преспа, Заев рече дека тој и Ципрас биле свесни дека ги ставаат во ризик политиките кариери, но тие, како што нагласи, „не се збир од политички одлуки што си ги пакувате за своето портфолио за да си го носите со себе од избори до избори без ризик, секогаш во зоната на политичката безбедност“.

„Ние избравме да оставиме решение како траг зад нас. Решение за нашите граѓани и за нашите општества, а не само за нас и за нашите политички партии“, рече Заев додавајќи дека тоа значи и иднина за младите, како и дека таков пристап треба да се има и кон сите актуелни и идни предизвици.

„Такви се лидерите на Европа. Што ќе беше Европа денес, ако не беа лидерите кои на политичка сцена излегуваа со политички потези за паметење и ако не беше нивното политичко наследство заради кое денес ние ги уживаме плодовите на нивното визионерство““, рече Заев.

Три години од склучувањето на Договорот од Преспа кој направи историски пресврт во македонско-грчките односи и ја одблокира евроатланската интеграција на Северна Македонија. Заев рече дека е среќен што денес се тука дел од клучните луѓе кои со своите ангажмани и посветеност беа учесници во процесот на патот до Преспа и кои придонесоа да се најде решение дури и тогаш кога многумина велеа дека се исцрпени сите опции.
„Но еве денес ние сме во НАТО, денес Северна Македонија е рамноправен дел од најмоќниот сојуз во светот. Покажавме дека е можна промена. Од заробена држава станавме современ пример кој сите го нарекуваат успешна приказна“, рече Заев, додавајќи дека нашата демократија се консолидираше и се унапредува со секој изминат ден, како и дека преку Преспа форумот за дијалог создаваме и испорачуваме нови демократски вредности.
Тој нагласи дека од денешна перспектива со полно право може да се каже дека во решението на тридецениското прашање со Грција беше употребена методологија која до тогаш не беше позната.

„Оние кои беа проблем, одеднаш и без булдожер дипломатија од трети страни почнаа да решаваат проблеми“, рече Заев.

Тој додаде дека спорот помеѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за неговата разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи.

„Беше потребно иновативно решение кое ќе излезе од рамката“, рече Заев додавајќи дека најважно е што на светот му дадовме еден нов, европски Балкан кој покажува дека има капацитети да биде слободен, поврзан, еднакво вреден и еднакво важен дел од напредниот свет.

„Во време на големи глобални и идеолошки пресвртници и неизвесности, ние стануваме испорачувачи на решенија и мир. Место за надеж. Нема нешто што еден лидер би сакал повеќе да остави зад себе за својата земја“, рече Заев, нагласувајќи дека денес знаме дека вредеше, и ги собираме плодовите од решавање на спорот.

„Конечно, ја комплетиравме нашата лична карта во Обединетите нации, сега имаме исклучително добри односи со Грција и сериозно подобрена билатерална соработка. Денес сме партнери и сојузници. Растат економските инвестиции, а бизнисите соработуваат како никогаш до сега, имаме и одлуки за заеднички инвестиции во гасоводни проекти, нафтени проекти, гасоводни и електрични централи“, рече премиерот.

Тој додаде дека како лидери на своите земји, им должат на граѓаните да ги решаваат проблемите, да го одржуваат мирот и да создаваа услови за развој на сите.

„За да се постигне ваков договор потребни беа верба дека проблемите може да се решат, и јасна визија , но и издржливост и упорност“, рече Заев.

Договорот имаше за цел да се  надмине минатото исполнето со недоверба и навистина да градиме заедничка иднина, додаде тој.

Како што посочи, Балканот од секогаш бил регион со посебна интензивна динамика, во кого очите на меѓународната јавност никогаш го немале луксузот да бидат затворени.

„Она што го направи Договорот од Преспа му даде друга насока и контекст на целиот регион. Договорот означи крај на една ера и почеток на ново поглавје како за двете држави, така и за регионот и пошироко. Кога соработката е конструктивна и во добра волја мирот се покажува со некој природен след. Светот прифати дека и од Балканот може да дојде успешна приказна која треба и може да има домино ефект и врз други отворени прашања во регионот преку темелната вредност, а тоа е решение е можно кога за тоа има јасна волја“, рече Заев.