Заев на конференциска врска со еврокомесарот Вархеи

Премиерот Зоран Заев, денеска на барање на еврокомесарот за соседство и проширување на Европската Комисија, Оливер Вархеи, имаше работен состанок преку видео конференциска врска.На состанокот беше разговарано за подготовката на економско-инвестицискиот план за Западен Балкан, добрососедската политика, како и за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција со Европската Унија.

Како што истакна еврокомесарот Вархеи, Европската Комисија останува посветена на помошта и во човечки ресурси, но и финансиски кон Северна Македонија. Во моментов траат последните подготовки околу економско-инвестицискиот план, чија цел е намалување на финансискиот јаз помеѓу Северна Македонија и Европската Унија. Во планот се предвидени речиси 9 милијарди евра за регионот од Западен Балкан.

Комесарот Вархеи се интересираше и за приоритетите на новата Влада, како и мерките кои во моментов се преземаат кон намалување на последиците од коронавирусот и реформите во клучните ресори во земјата.

Премиерот Заев ја истакна својата благодарност до ЕУ за поддршката во борбата со коронавирус кризата. Истовремено, ги презентираше приоритетите на Владата во следниот четиригодишен мандат и го увери комесарот Вархеи дека како држава остануваме посветени на силна имплементација на европската агенда и техничките процеси кои не очекуваат.

„Реформите во безбедносниот систем, јавната администрација и правосудството се главниот фокус на новата Влада.

Истовремено, за Владата претставува стратешки приоритет отворениот дијалог со сите општествени чинители вклучувајќи ја и опозицијата за сите клучни прашања и реформи кои се важни за напредокот на Северна Македонија“, додаде Заев.