Заев на ГС на ОН: Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во Светската организација

САД– Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан, порача премиерот Зоран Заев на македонски јазик во своето обраќање на пленарната сесија на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. Спогодбата од Преспа, нагласи Заев, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ.

– Сакам овде да подвлечам дека сме благодарни на ОН за целата поддршка, што најмногу се виде преку 20-годишната посветена и неуморна работа на Метју Нимиц, Специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, кој работеше со нас на изнаоѓање на решението. Веруваме дека Спогодбата од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот и дека е корисен пример за многу други отворени прашања, потенцираше Заев.

Во продолжението на своето обраќање пред претставниците на државите и народите од светот, премиерот Заев нагласи дека годинашното Генерално собрание повторно повикува на обединување на нациите во борбата за мир, демократија, човекови права, владеењето на правото и одржлив развој.

-Светот е на крстопат и затоа потребна ни е посилна Организација на Обединетите нации, која ќе застане зад сите и ќе испорача резултати за сите. И никого да не остави зад себе. Во свет обременет со несигурност потребен е меѓународен поредок заснован на правила, делотворен мултилатерализам, истакна Заев од говорницата на ОН во Њујорк.

Осврнувајќи се на една од централните теми на ова собрание – климатските промени, премиерот потенцираше дека е неопходна реализацијата на заклучоците од Парискиот договор и да го препознаеме и прифатиме влијанието на климатските промени како закана за безбедноста и стабилноста во светот и разорните последици од овие промени врз човештвото.

-Национално дефинираните придонеси се клучни за да се забрзаат активностите во однос на климатските промени. Северна Македонија ги зголеми националните придонеси според Парискиот договор, а истите се инкорпорирани како цели во нашите национални закони и политики, рече Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев.

Спроведувањето на Агендата 2030 и Целите за одржлив развој се од централно значење за постигнување на вистинска промена и градење на одржлива иднина за ситеособено, според Заев, во елиминирањето на сиромаштијата, нееднаквоста, негативното влијание на климатските промени, а Владата на Северна Македонија, додаде тој, целосно се залага за спроведување на Агендата 2030 што произлегува од националните стратешки документи и локалните планови.

Како земја активен партнер на меѓународните коалиции против тероризмот Владата ќе продолжи да придонесува кон мултилатералните напори за борба против тероризмот, како и во справувањето со уште еден современ предизвик – масовните миграции.

-Веќе со години сме на првата линија на фронтот и имаме искуство од прва рака во однос на влијанието на миграциите. Кризата со миграциите исто така предупредува дека не може да работиме сами во изолација. Траењето на миграциската криза покажува дека не може да го стиснеме копчето за пауза. Треба да ги здружиме нашите напори и со стратешка визија, механизми за соработка и инцијативи треба да ги решиме причинителите за миграциската криза, да ги издвоиме позитивните аспекти од миграциските текови и кризата да ја претвориме во можност. Како и во изминатиот период, ние активно ќе соработуваме во овој процес, подвлече на оваа тема премиерот Заев.

Тој истакна дека здружен, мултилатерален настап е неопходен и кога станува збор за лажните информации и дезинформациите, заедно со целно-насочените кампањи кои се закана и го поткопуваат глобалното демократско владеење, истовремено ставајќи ја на испит отпорноста на демократските општества во целиот свет.

Премиерот Заев во завршницата на своето обраќање нагласи дека унапредувањето и заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото остануваат темелни столбови на вредностите и дејствувањето на Обединетите нации, и дека широко распространетата неказнивост и отсуството на отчетност, нè потсетуваат дека сè уште има многу да се работи на ова поле и тоа на национално, регионално и глобално ниво.

-Република Северна Македонија и натаму цврсто го поддржува мултилатерализмот. Ќе продолжиме да работиме со сите засегнати страни во денешниов фрагментиран свет. Ова е наш заеднички свет. Заложбите кои ги преземаме на Генералното собрание на Обединетите нации се пренесуваат низ целиот свет. Сепак, нашето дејствување во сопствените земји е она што ја обезбедува заштитата на човековите права и добросостојбата секој поединец. Со нашите дела да ги оправдаме нашите заложби за подобар свет за сите нас, потенцираше Заев на пленарната сесија на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.