Заев на форум во Сараево: Западен Балкан треба да биде единствен пазар

Поранешниот премиер упати порака до владите од регионот да не штедат на граѓаните, минималната плата мора да има постојан раст


Зоран Заев на економскиот форум во Сараево

 

За да успееме мораме да соработуваме. Особено сега за време на војната во Украина и пост-ковид економското опоравување. Клучот е во партнерствата, во сојузништвата. Во услови на ризици од глобален немир, мораме да се здружуваме и да создаваме платформи, соработки и партнерства кои емитуваат регионален мир, стабилност, предвидливост.

Со ваква порака за блиско поврзување на земјите од регионот се обрати поранешниот премиер Зоран Заев на Сараево бизнис форум, на панелот на кој се расправаше за економската обнова на пост-ковид ситуацијата.

Тој рече: „Недостатоците oд вештини, од работна сила, од продукциски капацитети, па дури и од храна, во која било од нашите држави можеме да ги надоместуваме потпирајќи се на нашите соседи односно на регионалната соработка. Затоа силно го поддржувам процесот на создавање единствен пазар на Западен Балкан и очекувам да се зголемува бројот на држави кои ќе учествуваат во тргањето на пречките за слободен проток на луѓе, услуги, добра и стоки во нашиот регион.

Време е регионот да си го ‘спакуваме’ и како инвестициски потенцијал. За да ги донесеме големите играчи треба да и ние да играме поголема игра. Западен Балкан има огромни потенцијали за создавање енергија од обновливи извори на енергија, имаме многу сонце, ветер и вода. Тоа подразбира инвестиции во големи стратешки и инфраструктурни проекти, а денес тоа го можат големи и глобални инвеститори. Нашите држави може да се конкурентни за вакви проекти само ако се здружиме и ако настапуваме како регион. На тој начин недостатоците ќе исчезнат, придобивките ќе пораснат“.

Како пример за таква соработка тој ја посочи изградбата на терминалот за гас во грчкиот град Александропулис. „Овој проект е типичен пример како треба да се игра регионално кога е во прашање глоабалната енергетска политика“. Според него, ситуацијата во Украина ја налага таа нужност и ги зголемува потенцијалите од регионалната соработка на Западен Балкан.

Тој посредно упати порака и до политичките актери во Македонија апелирајќи до владите да не штедате на граѓаните, туку да вложуваат во нив – во куповната моќ и во развојот на човечкиот капитал.

„Минималната плата мора да одржува постојан раст, социјалната помош исто така, пензиите исто така. Државите, владите, бизнисите, синдикатите и опозициите треба да бидат во постојан дијалог и да создаваат решенија. Во кризни времиња штрајковите и блокадите не се решенија. Дијалогот е решение. Компетитивност со идеи, трагање по стабилност и предвидливост. Тоа се чекорите кои ќе не одведат до решенија, а не радикални потези, блокади, исклучивост и насилство“, рече Заев.