Заев му се заблагодарил на Јанша за поддршката од Словенија
Македонскиот премиер Зоран Заев му се заблагодарил на словенешкиот колега Јанез јанша за постојаната и континуирана поддршка од Словенија за процесот на евроинтергацијата. За време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО двајцата премиери разговарале и за реафирмацијата на оваа поддршка за време последната сесија на процесот Брдо-Бриони со декларацијата за важноста за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Заев ги оценил како „извонредни“ напорите на претседателството на Португалија со Европскиот совет и понудениот предлог да се деблокира пристапниот процес за Македонија и истакнал, како што се вели во соопштението на владината прес-служба, дека „предложените решенија ги имаат потребните елементи да продолжи дијалогот Скопје-Софија и да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ како чекор кон исполнување на безусловната препорака за почеток на преговорите со Северна Македонија“.
Двајцата премиери се согласиле да ги забрзаат подготовките и за првата заедничка седница на владите на двете земји, од која се очекува да биде поттикнат потенцијалот од економските врски и подинамичната деловна соработка.
Интересот на словенечката деловна заедница е насочен кон поттикнување соработка во областа на банкарскиот систем, земјоделството, животната средина, енергијата, дигитализацијата, туризмот, особено во користењето на термалните води.