Заев му порача на Апасиев: Вака не се станува лидер

Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, го праша вечерва премиерот Зоран Заев дали пробал со голема сума евра да купи пратеници од власта (не од СДСМ) и од опозицијата (не од ВМРО-ДПМНЕ). 

„Вака поставено прашање дали е вистина или шпекулација не е дозволено за никој, не пак за лидер. Секако дека комплетно негирам ваква инсинуација. Вака лидер не се станува, господине Апасиев. Ако имате доказ ќе го извадите пред јавноста. Ем ќе обвините, ем ќе излажете, ем ќе поентирате од парламентарната говорница. Тоа е исто како сега јас да ве прашам дали е вистина или шпекулација  дека јас и вие сме се договориле да ви ги обезбедам сите ресурси за да им земете гласови на ВМРО-ДПМНЕ  и да кажете дали е вистина или шпекулација. Вака поставени прашања нема да ве однесат на никакви лидерски функции. Левица ни е потребна, но вака не. Гледам, се борите но вака не, сам сте, нема да постигнете ништо зошто ова не му личи никако на пратеник, а не пак на лидер на политичка партија“, рече Заев. 

Апасиев се заблагодари на одговорот заклучувајќи дека Заев негира дека тоа што праша е вистина. Но, додаде дека во партијата имаат докази дека таков обид за купување пратеници се случувал и дека кога СДСМ ќе паднат од власт ќе го процесуираат, бидејќи четирите кривични пријави што ги поднеле досега не се процесуирале воопшто. Па забележа дека по редот на нештата пратениците поставуваат прашања, а не се тука да се прашувани.