Заев му пишал на новиот поглавар на СПЦ
Во интервјуто за регионалната тлевизија Н1 премиерот Зоран Заев соопшти дека му испратил писмо на новиот поглавар на Српската православна црква Порфириј околу решавањето на статусот на статусот на МПЦ.
„Искористив можност да испратам писмо до српскиот патријарх и да му честитам на изборот, секако и да посакам успех во раководењето со СПЦ. Но ја користам и можноста на српскиот православен народ да му го честитам изборот на новиот патријарх и да посакам благосостојба, благопријатност и милост божја во сите негови аспирации заа подобар живот и повеќе среќа. Тогаш и побарав наклонетост во изнаоѓање на решение помеѓу црквите, ние сме православни народи и ние сме братски народи и дека можеме да најдеме решение. Се имаме обратено и до вселенскиот патријарх Вартоломеј, но еве доминанто гледаме надеж и решение токму преку дијалог помеѓу МПЦ и СПЦ, со конечна цел признавање на автокефалноста на МПЦ“, рече Заев.
Според него, оптимизмот за решение се наоѓа во одличните односи помеѓу двете држави, па затоа верува дека низ дијалог на црквите може да се дојде до него.
„Знаете дека СПЦ опстојува и функционира во Македонија, имаме многу граѓани од српската етничка заедница, православни христијани кои си одат по српските храмови. Ние сме подготвени целосно да ги сочуваме слободата за верска определба на граѓаните, но истовремено сум почитувач на секуларноста на карактерот и на Македонија и на Србија и ние политичарите може само да создадеме услови за да може нашите две цркви да разговараат и владиците да изнајдат решение.
Јас молам ова прашање да се реши затоа што постојат решенија, затоа сакав и преку тоа писмо да го замолам српскиот патријарх да посвети дел од своето време и внимание низ дијалог се најде решение. Затоа што сме многу блиски народи, братски народи и ова прашање мора да биде решено“, нагласи Заев за Н1.