Заев му го честиташе на Петков изборот за премиер на Бугарија


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев во телефонски разговор му го чести таше изборот на Кирил Петков за претседател на Владата на Бугарија, при што двајцата се согласиле да продолжат да работат на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.

– На колегата Кирил Петков му го честитав изборот за претседател на Министерскиот совет на Република Бугарија. Во телефонскиот разговор на премиерот Петков му посакав успешен мандат и остварување на сите приоритети утврдени во програмата на неговата Влада, а со цел добробит и просперитет на бугарската држава и бугарските граѓани, објави Заев на официјалнатас Фејсбук страница.

Заев посочува дека во разговорот изразиле подготвеност да ја забрзаат комуникацијата и соработката низ повеќе работни групи во областите на економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други области од интерес на македонските и на бугарските граѓани.

– Се согласивме да продолжиме да работиме на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и за нов позитивен импулс за зајакнување на билатералните односи меѓу нашите две земји, во име на заедничката европска иднина, наведува Заев на Фејсбук.

Претходно од Софија порачаа дека новата бугарска Влада ќе ја задржи единствената позиција кон Северна Македонија. Во делот за надворешна политика од коалицискиот договор на партиите што го сочинуваат новото парламентарно и владино мнозинство се наведува дека односите ќе се надградуваат „во конструктивен дух“ и се опишуваат чекорите како тоа ќе се постигне.

Првиот чекор е да се активира работата на билатералните комисии предвидени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка преку календар на месечни состаноци. Планирано е формирање деловни комисии (со учество на добавувачи и клиенти во секоја од двете земји). Уште еден чекор е засилена соработка во областа на транспортот, меѓу кои се директното воздушно поврзување Софија-Скопје, изградба на Коридорот 8, финансиската поддршка за железничкото поврзување. Предвидено е интензивирање на соработката во областа на науката и културата (заеднички културен календар, заеднички научни конференции).

Други начини на кои ќе се работи за приближување со Скопје се: да се продолжи работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања; Бугарија очекува властите на Република Северна Македонија да обезбедат трајна заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарски идентитет како составен дел на европските вредности; размена на архиви од периодот 1944-1991 година со цел рехабилитација на жртвите на репресијата; активирање на јавната дипломатија како алатка; поддршка на интеграцијата на Pепублика Северна Македонија во ЕУ преку пренесување на бугарските искуства.

Меѓу приоритетите во надворешната политика на Владата на премиерот Кирил Петков е и продлабочувањето на стратешките односи со САД и укинувањето на визниот режим за бугарските граѓани. Покрај тоа, се предвидува и зајакнување на билатералните односи и политичките врски на нова основа со Обединетото Кралство, во координација со политиката на ЕУ.

Наведено е и продолжување на дијалогот со Русија во рамките на политиката на ЕУ и развој на еднакви односи врз основа на принципите на меѓународното право.

Истовремено, приоритет ќе биде и поддршката на процесот во Минск за дипломатско решавање на конфликтот во источна Украина со мирни средства и поддршка во рамките на ЕУ и НАТО за деескалација на тензиите во регионот на Црното Море.

На списокот се и „евергрините“ на бугарската надворешна политика: инсистирање на руската страна за враќање на бугарските архиви и обесштетување за наследниците на тракиските бегалци од Турција.

Пратениците во бугарскиот парламент вчера го изгласаа Кирил Петков за нов премиер на Бугарија, по што ја одобрија министрската листа и со тоа ставија крај на повеќемесечната политичка криза во земјата. Во четирпартитната коалиција покрај партијата на Петков Промените продолжуваат (ПП), се и социјалистите (Социјалистичка партија), ИТН (Има таков народ) и централнодесничарската партија Демократска Бугарија. Нов шеф на бугарската дипломатија е Теодора Генчовска, која е кадар на партијата ИТН на Слави Трифонов.