Заев може да раководи со финансии до септември в година


Премиерот Зоран Заев нема намера да раководи со Министерството за финансии во техничката влада што, согласно со Изборниот законик и законот за Влада, треба да се формира сто дена пред одржување парламентарни избори. Кога ќе дојде време за распишување на изборите, тој, според вчерашните најави, не само што ќе се повлече од премиерската функција, туку веројатно дотогаш ќе предложи и нов министер за финансии, како решение на СДСМ.

Одговарајќи на прашање на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска до кога ќе „министерува“ со финансии, Заев, на вчерашната собраниска седница, рече дека нема конкретен план, но веројатно не подоцна од тогаш кога  сите партии во парламентот заедно ќе одлучат да одат на избори. Тоа, додаде, е секако 100 дена пред редовни избори кога се формира техничка влада. Рече дека назначувањето на нов министер може да биде и порано ако се создадат услови во зависност од намерите за реализација на одредени политики.

„Намерата е  еден ваков неповторлив период, драгоцен за државата, како и за сите земји кога станувале членки на НАТО и започнувале преговори со ЕУ, да го искористиме до максимум за благодет на граѓаните, за тие да почувствуват економски ефекти. Верувам дека со растот на економијата може да се донесат сериозни одлуки со импакт кон граѓаните“, рече Заев.

Во тој контекст, зборуваше и за мерките што следат, а се однесуваат на малите и средни претпијатија. Целта е, објасни, ослободување до три милиони денари од давачките, раст на платите преку супституција на придонесите за здравствено и пензиско осигурување од страна на државата и без задолжување, а со стабилизација и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој во првите пет месеци од годинава бележи раст од осум отсто.

„Ако продолжи да расте, тој фонд е за пензионерите. Ќе ги поделиме тие пари на пензионерите, преку поголеми пензии, што на крајот е раст на потрошувачката моќ на нашите граѓани“, рече Заев, посочувајќи дека ова се само некои од мерките, покрај повратот на ДДВ за граѓаните.

Кога се повлече од намерата да биде избран и за министер за финансии, Заев рече дека  само ќе раководи со овој важен ресор до изборот на нов министер, а по разрешувањето на Драган Тевдовски. Министерството за финансии, инаку, е еден од ресорите што се опфатени со т.н. пржинска влада. Тука опозицијата треба да именува дополнителен заменик-министер со право на „вето“, исто како и во министерствата за земјоделство и за информатичко општество и администрација. Во случајов, пред распишување на изборите, министерските места ќе треба да ги напуштат актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика Оливер Спасовски и Мила Царовска, за опозицијата да именува двајца министри од своите редови. Во овие ресори, пак, дополнителните заменички места се за владејачката партија. Основно е повлекувањето на премиерот, така што во случајов, по заминувањето на Заев, СДСМ треба да предложи друг (технички) премиер.

Следните парламентарни избори, во редовен термин, треба да се одржат наесен следната година, односно во последните 90 дена од овој парламентарен состав кој беше конституиран на 30 декември 2016 година. Според тоа, можно е нов министер за финансии да биде именуван дури во септември следната година – само за да учествува во техничката влада, како кадар на СДСМ.

Предизборната техничка влада повторно стана дел од регулативата за влада и за избори, откако овој концепт беше премиерно применет на претходните парламентарни избори во 2016 година, тогаш со намера тоа да биде еднократно и со цел надминување на политичката криза.  Сепак, на инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ, во екот на преговорите за распишување на референдумот за името, овој модел е вратен во игра.   (А.М.М.)