Заев: Мораме да ја сузбиеме корупцијата, секој од нас, со свој придонес


 Денеска е Меѓународен ден за борба против корупцијата, ден кој нѐ потсетува дека корупцијата и политичките злоупотреби се најголеми непријатели на граѓаните и на владеењето на правото. Корупцијата ги краде парите на граѓаните, ја руши правната држава, ги слабее институциите и ја загрозува демократијата, создавајќи недоверба меѓу граѓаните. Ова денеска го напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 Декември.
 
Според премерот Заев, правдата, еднаквоста и слободата се првите жртви на политичките злоупотреби и корупцијата.
 
– Токму затоа со примена на европските стандарди во справување со корупцијата Владата води битка преку зајакната и обврзувачка транспарентност, заштита на слободата на медиумите, институционална поддршка на силна и независна Државна комисија за спречување корупција и нула толеранција при откриени злоупотреби. Градиме систем кој одвраќа од злоупотреби и јасно ја лоцира одговорноста. Ги јакнеме институциите, ги намалуваме дискреционите права и моќта на политичарите и носителите на јавни овластувања, напиша премиерот.
 
Граѓаните, како што се наведува, се чувствителни особено на злоупотреби од страна на носителите на јавни функции и токму затоа оваа Влада, како претставник на овие интереси на граѓаните, во својот состав има заменик-претседател, меѓу другото задолжен и за борба против корупцијата и криминалот.
 
– Огромни се напорите на вицепремиерот Николовски и во зголемувањето на транспарентноста на институциите, и во обезбедувањето отчетност на локално ниво, и во посветеноста на правната држава, и во инсистирањето на етично работење на секој еден функционер и секој еден јавен службеник. Никој не смее да е над законот, секој треба да работи со интегритет! Секој ден внесуваме европски стандарди дома, за Северна Македонија да ја направиме земја во која граѓаните сакаат да живеат и која ќе ја препознаваат како земја во која владее правото. На тој пат мораме да ја сузбиеме корупцијата, секој од нас, со свој придонес, напиша премиерот Заев на фејсбук.