Заев: Минималната плата може да биде повисока од 13.000 денари

Верувам дека минималната плата во државата може да порасне повеќе од 13.000 денари со легализација на нелегалниот дел, односно преку елиминирање на плаќањето на дел од платата во кеш, но и со помагање од страна на државата преку придонесите за сите кои ќе одлучат да ги зголемат платите на своите работници, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Тој посочи дека околу 35 отсто од платите во државата се даваат на рака и во кеш и додаде дека Владата во моментов прави анализи за елиминирање на плаќањето во кеш што ќе ги објави кон крајот на август или на почетокот на септември поради што доцни зголемувањето на минималната плата што беше најавено за јули.

-Недостигот на квалификувана работна сила е најголемиот притисок за растот на платите, но тоа значи дека газдите ќе споделат малку од профитот со работниците. Тоа е оддржливо за сопствениците и за менаџментот на компаниите зашто ќе имаат доволно мотивирани работници кои ќе останат да работат во компаниите и во државата. Вториот дел е заради минималната плата која ја отвори спиралата на платите, но податоците покажуваат дека најдоминантно е заради недостигот на квалификувана работна сила во делот што се вика сива економија, бидејќи околу 35 проценти од платите во државата се даваат во плик или кеш. Тоа е еден нов таргет пред Владата на кој работиме во моментот со анализи да ги вратиме во легалниот пазар сите кои даваат дел од плата во готово, рече премиерот Заев во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Како држава, нагласи, треба да направиме соодветен чекор за да ги мотивираме сите да ги даваат бруто платите во цел износ.

-Со тоа ќе им помогнеме на деловните луѓе да имаат помали издатоци со тоа што државата ќе направи свој исчекор, а работниците да земаат повисоки просечни плати. Истовремено тоа ќе значи зголемено полнење на фондовите за здравство и пензиско осигурување. Верувам дека минималната плата може да порасне повеќе од 13.000 денари, преку легализација на нелегалниот дел, но и преку помагање од страна на државата преку придонесите за сите кои ќе одлучат да ги зголемат платите на своите работници. Најголема придобивка ќе имаат работниците, но и државата ќе си го легализира делот кога се дава кеш плата или плата во плик, појасни Заев и потенцира дека мерката ќе важи за сите во државата.

Посочи дека државата не треба да биде толку мотивирачка за вработување на граѓаните колку што треба да биде мотивирачки приватниот сектор и затоа, порача, ќе продолжиме со трендот да ја стабилизираме јавната администрација.

-Државата вклучително и за јавната администрација ќе си носи одлука согласно своите капацитети што и како ќе зголемува, но здравството ќе мора да биде еден од таргетите за зголемување на платите не само за специјалистите и медицинскиот персонал, туку и за капитациите на општите лекари, на стоматолозите и гинеколозите, но и на другиот дел на администрацијата. Веќе зголемивме платата на околу 3.000 вработени во градинките, а од 1 септември се зголемува за дополнителни пет проценти, рече Заев.