Заев: Минималецот може да биде повисок од 13.000 денари


Ќе растат платите, а минималецот може да скокне и над 13.000 денари. Премиерот Зоран Заев вели дека растот на платите најмногу се должи на недостигот на квалификувана работна сила.

„Тоа значи дека газдите ќе споделат малку од профитот со работниците. Тоа е одржливо за сопствениците и за менаџментот на компаниите зашто ќе имаат доволно мотивирани работници кои ќе останат да работат во компаниите и во државата“.

Премиерот најави дека во Владата се прават анализи како да се врати во легалниот пазар делот од платите што се дава во кеш. Проценките се дека околу 35 отсто од платите во државата се даваат на рака. Мерките ќе бидат објавени кон крајот на август или на почетокот на септември и затоа, според премиерот, доцни зголемувањето на минималната плата што беше најавено за јули.

„Како држава треба да направиме соодветен чекор за да ги мотивираме сите да ги даваат бруто-платите во цел износ. Со тоа ќе им помогнеме на деловните луѓе да имаат помали издатоци така што државата ќе направи свој исчекор, а работниците ќе земаат повисоки просечни плати. Истовремено, тоа ќе значи зголемено полнење на фондовите за здравство и пензиско осигурување. Верувам дека минималната плата може да порасне повеќе од 13.000 денари, преку легализација на нелегалниот дел, но и со помагање од страна на државата преку придонесите за сите кои ќе одлучат да ги зголемат платите на своите работници. Најголема придобивка ќе имаат работниците, но и државата ќе си го легализира делот кога се дава кеш-плата или плата во плик“, рече Заев, додавајќи дека мерката ќе важи за сите во државата.  (А.С.)