Заев: Мијалков немаше избор, избега но беше принуден да се пријави


Премиерот Зоран Заев објави вечерва дека појавувањето на Сашо Мијалков не е случајно и дека тоа е резултат на коордираните акции на институциите. Тој потврди дека Мијалков избегал, но кога се соочил со последиците се вратил самиот бидејќи немал друг избор. 

-– Институциите не го најдоа, но затоа нападнаа по неговите блиски и имот. Потоа тој самиот се пријави во Обвинителството, откако претходно дојдоа адвокатите. Никако не треба да се смета тоа за олеснителна околност ни за овој, ни за друг случај. Не треба да се заборави дека Мијалков избега, рече Заев. За тие што се одговорни што се случи бегството, додаде тој, секако ќе следи одговорност. 

-Јас Зоран Заев ве гледам во очи и ви кажувам дека компромис за правда нема и нема да има, ако си грешен ќе одговараш, му порача Заев на Мијалков и на сите други.

Според него била организирана масивна потрага, по сите објекти каде што можел да се сокрие, биле затворени сите излези и гранични премини, а биле испитувани и неговото семејство и членови на обезбедувањето бидејќи организирање и помагање на бегство е кривичено дело. 

-Инструкциите уште рано наутро беа дадени и сите институции го дадоа својот максимум. Паднаа сериозни наредби, со пленидба на имот со жолти траки на „Мериот” и други негови имоти со кои тој располага. Тоа не беа закани, туку постапија секој според своите надлежности. Веднаш се виде дека овде нема отстапки. Требаше да се замисли малку што прави и дека го ризикува неговото семејство”, изјави премиерот Заев.

Тој нагласи дека во куп предмети Мијалков е осомничено лице и дека тоа отвора простор за  блокирање на сметките и на имотот. Самите институции не го нападнаа Мијалков, рече Заев,тој самиот се пријави, додавајќи дека не играл мајтап со Владата и институциите туку напротив, бил принуден да се пријави откако се соочил со можноста да одговараат неговото семејство и обезбедувањето и  да му се блокира имотот. 

-Очекувам истрага до крај. Институциите покажаа дека учиме од бегството на Груевски и можеме да настапуваме координирано и, ако секој  притоа ја заврши работата, ќе го најдеме полесно, рече Заев.

Адвокатите на Мијалков, соопшти тој, биле неколку саати во Јавното обвинителство пред да се пријави.

-Факт е дека за 40 часа откако избега го најдовме, рече Заев нагласувајќи дека млад човек како него ако сака има каде да се скрие, но ова е голем успех за државата.

-Системот си ја заврши работата, Владата исто така. Докажавме дека се неаргументирани сите тврдења на опозицијата, рече премиерот. 

За него приказни за мали деца се тврдењата на Мијалков денес дека имал температура.

-Немаше тој туку мене ми се качи температурата 40 степени, рече Заев, додавајќи дека дефинитивно покажале дека владеењето на правото е императив и  дека не држат сите тие оценки дека имало некаков договор за бегството. 

Фото:Борис Грданоски