Заев: Македонија ќе добие влада која го следи европскиот пат

Фото: Б. Грданоски

Течат роковите од 20 дена за формирање влада, откако шефот на државата Стево Пендаровски вчера му го довери мандатот на лидерот на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ Зоран Заев, која на предвремените парламентарни избори на 15 јули освои најмногу мандати.

Лидерот на СДСМ Заев во изјавата по добивањето на мандатот за составување нова влада рече дека најверојатно, пред да помине законскиот рок од 20 дена, земјава ќе добие ефикасна влада, која ќе го продолжи вистинскиот пат – кон ЕУ,  ќе го развива концептот „едно општество за сите“, ослободена од какви било национализми и етнички предрасуди, а приоритет ќе бидат економијата, борбата со криминалот и корупцијата, како и прочистувањето на правосудството.

Фото: Б. Грданоски

-Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да создадеме програма и кадри на кои Собранието ќе им додели мандат да им служат на граѓаните, владината програма ќе биде во најголем дел посветена на економијата, на раст на плати и пензии, на вложувања во младите, во раст и развој, во грижа за најсиромашните, во поддршка на домашното стопанство. Ќе водам влада која не знае за скршнување од патот и која по членството во НАТО, продолжува кон членство во ЕУ, истакна Заев кој се уште е во разговори со партиите за формирање парламентарно мнозинство.

Прашан што ќе се случи ако за 20 дена не успее да состави влада, дали ќе го врати мандатот и дали ќе има нови избори, Заев истакна дека тоа прашање е регулирано со Уставот, посочувајќи на ситуацијата со составувањето влада во 2016 година.

– Имавме ситуација во 2016, мандатот му беше доверен на Никола Груевски и не успеа за 20 дена да формира влада. Уставот е јасен дека рокот истекува и мандатот се враќа. Тогаш мандатот го добив јас и второрангираната коалиција со два пратеника помалку од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Јас успеав да формирам влада. Разликата е во тоа што сега јас ќе успеам да формирам Влада, истакна Заев.
Фото: Б. Грданоски

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во брифингот за новинарите откако лидерите на другите партии на Албанците не дојдоа на средбата во скопскиот хотел Парк, која тој ја свика на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кажа дека се уште немаат договор со досегашниот коалициски партнер СДСМ и ги повтори црвите линии – Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, ветинг и премиерската позиција.

-Сум изјавил претходно, ќе изјавам пак, работите се толку блиску колку што се и далеку истовремено. Посакувам кај страните да доминира разумот, во прв ред да се постави интересот на државата. Има толку значајни процеси со коишто се соочуваме како земја и ние заедно ја зачленивме оваа земја во НАТО, заедно ги затворивме историските прашања во земјава и заеднички ја градиме европска Македонија. Ова е нашата мисија. И сега се надевам дека страните ќе работат ладнокрвно за да ги постават овие приоритети пред себе, рече Ахмети.

Двајцата Заев и Ахмети попладнето по доделувањето на мандатот на лидерот на СДСМ, одржаа нова средба на која учествуваа и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби, а по неа излегоа со заедничко соопштение.

-На тричасовната конструктивна и продуктивна средба постигнати се основи за напредок кој води до коалиционен договор за нова, европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото. Разговорите меѓу двете партии ќе продолжат во текот на викендот на ниво на генерални секретари, најавија од СДСМ и ДУИ.
Фото: Б. Грданоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, ја оспори одлуката на претседателот Пендаровски да му го додели мандатот на Заев, без тој да му приложи доказ дека обезбедил мнозинство,  оценувајќи дека со тоа го прекршил Уставот,  и оти со доверувањето на мандатот, му овозможил уште 20 дена преговарање на Заев за влада.

– Од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски денеска беше прекршен Уставот. Без никаков доказ кој е неопходен за поседување парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник, тој го додели мандатот за состав на нова влада на пратеникот Зоран Заев. Без доказ, без потврда дека поседува мнозинство, Пендаровски го додели мандатот за состав на нова влада. По кои критериуми Пендаровски одлучи мандатот да го додели на партија и човек кој не достави доказ дека поседува мнозинство во Парламентот. Мандатот без доказ може да се додели и во рацете на ВМРО-ДПМНЕ кое освои најмногу пратеници во македонскиот блок или на ДУИ, ДПА, Левица, Алијанса, Алтернатива или на која било друга политичка партија која е во Парламентот, рече Мицкоски.

Тој со дел од партиската пратеничка група попладнето побара средба кај претседателот на државата во вила Водно за да им ги соопшти аргументите врз основа на кои го доделил мандатот на Заев, а по средбата Мицкоски соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со Пендаровски, оценувајќи ја неговата одлука како злупотреба на позиицијата Претседател на државата.

-ВМРО-ДПМНЕ на денешната координација донесе заклучок дека од овој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со г. Стево Пендаровски, и ќе ги преиспита практично политиките што ќе ги води во однос на кабинетот на Стево Пендаровски. За жал, како напати во минатото така и овој пат се приватизирани институциите, заробени за личен и партиски интерес, а на сметка на интересите на граѓаните. Денеска пратеникот Зоран Заев го доби мандартот откако го уверил претседателот Стево Пендаровски дека ќе работи на парламентарно мнозинство, изјави Мицкоски по средбата, на која беше придружуван од пратеничката Гордана Сиљановска.

Фото: Б. Грданоски

Претседателот Пендаровски пред да го довери мандатот се обрати кусо и појасни дека врз основа на член 84 и согласно член 90 од Уставот, за мандатар го определува Заев. По средбата со Мицкоски, во вила Водно, пак, изјави дека мандатот му го доверил на Заев, бидејќи смета дека роковите за мандат течат по верификација на мандатите на пратениците иако не е избран претседател на Собранието имајќи ја предвид политичката пракса во изминативе 30 години, односно ситуациите во 2006 и  2016 година.

-До овој момент  61 пратеник нема  ниту една политичка страна, ниту еден политички субјект од оние кои влегоа во новиот парламент  меѓутоа господинот Заев се јави во текот на вчерашниот ден и рече  дека во преговорите со повеќе политички партии кои се со свои пратеници во Собранието е на добар пат да обезбеди мнозинство, рече Пендаровски.

Според член 90 од Уставот, по добивањето на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.