Заев: Логично е понекогаш да имаме различни ставови со Пендаровски за некои прашања


Фото: Б. Грданоски

 Премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека не се согласува со предлогот во личната карта да се впишува и етничката припадност, рече дека е логично понекогаш да имаат различни ставови со претседателот за некои прашања иако веруваат во исти вредности, и оти е добро што претседателот ќе испочитува ако мнозинството одлучи и го донесе законот, тој да го потпише указот.

-Внимателно го читав интервјуто на претседателот Стево Пендаровски, што ќе почитува ако мнозинството одлучи и го донесе законот, тој да го потпише указот. Понекогаш и ние што веруваме во исти вредности за некои аспекти сме различни и тоа е многу логично. Сепак, претседателот е прв во државата, ова за мене е вредно за внимание, нормално на првиот состанок ќе разговараме за аргументациите. Сепак, ова произлезе од еден сериозен процес кога се случуваа уставните промени, рече Заев во одговор на новинарско прашања на заедничката прес-конференција пред Владата со претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи.

Претседателот Пендаровски вчера во интервју за порталот МКД.мк. изјави оти не се согласува со предлогот во личните карти да се впишува и етничката припадност, посочувајќи дека нема сличен пример во светот, но оти нема многу големи аргументи за да не потпише таков указ ако законот биде изгласан во Собранието.

Премиерот потсети дека политичката партија Беса го дала и го аргументирала законскиот предлог уште во 2019 година кога се носеле уставните измени, а оти се работи и за даден збор во рамки на владејачката коалиција.

-Беса тоа го побара, тогаш ги дадоа своите аргументации, тогаш јавно и како тогашна Влада објавивме дека ова е прифатливо, секако се консултиравме и е во духот на Преспанскиот договор. Личната карта е документ за идентификација, а во мултиетничко општество, кога помалите етнички заедници се гласни ние не смееме да останеме неми. Не губи најголемата заедница, Македонците, ништо, ќе бидат впишани Македонци, Албанци, ќе бидат впишани сите, рече Заев.

Посочи оти ќе се води грижа за сите етнички заедници во државата, но, рече, државјанството е една карактеристика што е задолжителна во сите документи, а никаде не е забрането, ниту ограничено да биде и етничката припадност.

-Нашата земја е многу различна од многу други земји, и тоа по добро, соживотот, мултиетничноста, мултикултурата, мултирелигискиот аспект на животот во Северна Македонија е богатство и треба да го негуваме тоа богатство и да го надградуваме, рече Заев.

Истакна дека аргументациите ги разгледувале со стручните служби, ги проверувале и низ Преспанскиот договор. -Важно е да се почитува до крај државјанството, каде што стои македонско/граѓани на Република Северна Македонија. Етничкиот идентитет на Македонците е потврден со Преспанскиот договор, како што е потврден и македонскиот јазик, и апсолутно нема загрозување на било кои интереси, рече Заев.

Додаде дека за ова прашање е разговарано и со други надлежни институции, како и со Министерството за внатрешни работи, изразувајќи задоволство што и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се изразила позитивно по ова прашање.

На новинарско прашање дали владејчката партија ќе се согласи на измени на Изборниот закон за земјава да биде една изборна единица, Заев рече дека за Изборниот законик мора постои широк консензус, со што се заштитува довербата на граѓаните, и второ, кажа, сите последни препораки од ОБСЕ/ОДИХР да се вградат во законот.

-Нашите ставови се јасни. Ние се бориме за една изборна единица на парламенарни избори. Сакаме отворени листи уште сега на локалните избори, тоа е дел од владината програма, но треба сите да бидеме за, не е во ред ниту една помалубројна партија да излезе надвор, а само големите да се договараме за овие работи. Сакаме да ја слушнеме и опозицијата, бидејќи таа прво треба да ја има довербата во законот за изборите, подвлече Заев.