Заев контра Софија: Нашиот јазик е реалност

 

„Јазикот е нашата најкомплетна татковина“ ќе рече македонскиот великан Блаже Конески.Македонскиот јазик е еден од клучните кодови на нашата посебност и самобитност, темел на македонскиот идентитет.Горд сум што денеска, кога го празнуваме Денот на македонскиот јазик, 5-ти мај, можеме да кажеме дека го сочувавме аманетот на нашите предци.Македонскиот јазик е реалност, признаен од целиот свет, впишан во картата на јазиците и во нашата карта во Обединетите Нации, и порача на Софија лидерот на СДСМ Зоран Заев,  на денот кога е усвоена македонската азбука.

-На овој ден во 1945 година, азбуката на македонскиот јазик е усвоена како официјално писмо, а денес, нашиот, македонски јазик е признаен и потврден.На тој јазик комуницираме во своја, независна и слободна држава, но на тој јазик комуницираме и со нашите пријатели ширум светот. Гордо и достоинствено.Оддавам признание пред наследството на светите браќа Кирил и Методиј, пред творештвото на Крсте Петков Мисирков и преродбениците, пред делата на Блаже Конески и пред кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.Благодарение на нивната посветеност, денес македонскиот јазик е дел од светското јазично богатство.

Упатувам огромна благодарност до лингвистите и македонистите кои неуморно работат на збогатување и унапредување на македонскиот литературен јазик, но и на зачувување на дијалектите, како неговата посебност.Оддаваме почит кон нашето славно минато, но даваме и збор пред нашата сегашност.Продолжуваме да го негуваме и да ја унапредуваме употребата на македонскиот јазик.

Пред една година Владата на СДСМ го прогласи денешниот ден за Ден на македонскиот јазик, тргнувајќи од потребата за што поголема грижа за нашиот мајчин јазик.Афирмацијата и унапредување на македонскиот јазик, како официјален јазик на нашата татковина е наша водилка, порача Заев во обраѓањето до јавноста.