Заев: Кога и да има избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби


Зоран Заев не би сакал да се одреди датум на избори без согласност од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, одењето на избори летово е важно за да се избегне можниот втор бран на короната наесен

 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека нема поважен приоритет од здравјето и ако здравствената состојба не го овозможува тоа, можеме само да си правиме планови.

„Но, како одговорни политичари, треба да заземеме јасни и прецизни ставови. Ние сакаме избори порано, бидејќи никој не знае кога ќе има наредни бранови со корона вирусот. Дај боже да нема, ама, што ако има криза од септември натаму? Тогаш влегуваме во комплетно вонредна состојба. Затоа нашиот став е избори да има во најбрзиот можен период и во олабавена состојба околу епидемијата. Кај нас има плус две причини за изборите – ние сме без парламент и немаме политичка влада во моментов, рече Заев во гостувањето на ТВ24.

Притоа тој потсети дека истата тема се дебатира и во други земји и дека во Србија и Хрватска веќе донесоа одлуки да се одржат избори летово.

„Ние плус сме без политичка влада и без функционално Собрание, а на граѓаните и на државата им требаат функцинални институции. Комплетните уставни рокови на четири години мандат на пратениците истекуваат на 11 декември и тогаш влегуваме во комплетна уставна криза што Уставот не ја разработил, освен во воена состојба, не во вонредна состојба“, дополни Заев.

Поконкретно, процени тој, изборите треба да бидат до средината на јуни, а за јули рече дека веќе е доцна.

„И од ОДИХР имаме потврда дека се подготвени да испратат мисии. Дефинитивно она што треба да преовлада е интересот на државата, дали ќе ја ставиме во ризик државата да влезе во уставни проблеми од кои што нема решение, или навистина ќе бидеме одговорни и ќе го прифатиме првиот можен рок, а тоа сметам дека е средината на јуни“, посочи Заев.

„Нели Мицкоски вели дека водат? Зошто тогаш бегаат од избори? Анкетите покажаа дека пред кризата водевме со три проценти, сега нашиот рејтинг е пораснат, и тоа им е јасно“,  реплицираше  Заев на тврдењето на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи сигурно и тоа со двоцифрена предност.

Запрашан дали СДСМ брза на избори за да го искористи високиот рејтинг на ресорот здравство, Заев одговори дека добриот менаџмент на здравствената криза е само поен плус, а она што е најважно во моментов е дека успеале да ги решат стратешките цели на државата.

Околу можноста да се одреди датум на избори без согласност од ВМРО-ДПМНЕ а  опозицијата да реши да ги бојкотира, Заев одговори дека такво нешто не треба да се случи, дека тој е демократски политичар и може да се разговара со аргументи и да се постигне договор. Опозицијата, според него, треба да учествува и само така е исправно за граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе биде поразен кога и да има избори. Затоа најважно е да се види што е најдобро за државата. Зошто? Бидејќи Владата има сериозни успеси. Ги решивме сите прашања. А, од друга страна имаме неодговорност на опозицијата. Оваа 2020 ќе има избори и ќе ги изгубат“, порача Заев. Според него, одговорните политичари носат одлуки, а од ВМРО-ДПМНЕ само се пренемагаат, не кажуваат јаси ставови и место тоа, излегуваат со банални изговори.

Околу спорот со Максим Димитриевски, Заев одговори дека санкциите важат за сите, и уште повеќе за СДСМ, и дека стои зад оградата на партијата од изјавите на градоначалникот, нагласувајќи дека не може да зборува за режим затоа што бил казнет за непочитување на мерките.

„Се оградивме од Максим Димитриевски, бидејќи беше изречена санкција, а тој не ја почитуваше. Поради тоа што добил санкции, ова било режимска власт. Законот мора да важи за сите. Тој ми е другар, сопартиец но законот важи за сите. Ако Заев и Мицкоски биле дома во самоизолација, тогаш и Максим требало да ја почитува самоизолацијата. Одговорноста е голема и треба да се биде пример“, посочи Заев. Дали Димитриевски може да заборави на втор мандат, беше прашањето на кое Заев одговори дека за тоа одлучуваат анкети и рејтинзи.

Околу упадот на полицијата во магацините на семејството Заеви каде што се подготвувале хуманитарни пакети Заев рече дека се надевал дека зад него стои некој политички задоен полицаец, а не Наќе Чулев и ВМРО-ДПМНЕ, но тие застанале политички зад настанот. Тој го нарече упадот жален и несолидарен, нагласувајќи дека освен што се случил без судски налог во приватни простории и што држеле со часови волонтери, запреле хуманитарна помош што се дели на општински кризни штабови,  од кои некои и на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.

„Семејството Заеви секогаш биле хумани, тоа го знаат граѓаните на Струмица, тоа го знаат граѓаните низ целата држава и сите што ме познаваат како човек. Целта во ваква криза е сите што имаат да помагаат, а ние помогнавме во здравството, им помогнавме на сиромашните луѓе. Дај боже сите да имаат, па да помагаат. Донација од 100 денари од сиромашен човек вреди повеќе од 100.000 од богат. Дарувањето крв на пример не е врзано со материјално богатство. Но, очигледно ВМРО-ДПМНЕ се солидаризираат со криминалот на Груевски, ова е гола борба за власт и тука се одлични. Ама кога треба да се солидарни никаде ги нема“, рече Заев.

Запрашан дали се „штанцаат“ јавни набавки, со што се злоупотребува состојбата со корона вирусот, Заев одговори дека на нив се прифаќаат најефтините понуди и од друга страна сите тие се предмет на контрола на Државната комисија за справување со корупцијата.

За министерот Венко Филипче и начинот на кој се справува со кризата, Заев рече дека му симнува капа заради стручноста, заради енергијата, но и заради стрпливоста бидејќи опозицијата, рече тој, се изживува со него.