Заев ќе учествува на Берлинскиот самит за Западен Балкан


Премиерот Зоран Заев попладнево ќе учествува на Берлинскиот самит за Западен Балкан.

Самитот, како што соопшти владината прес-служба, ќе го отвори германската канцеларка Ангела Меркел, а ќе се обратат шефовите на Влади од Западен Балкан, челниците на европските институции, премиерите на Обединетото Кралство, Хрватска, Грција, Бугарија и Словенија, како и претседателот на Франција и канцеларот на Австрија.

Во пресрет на состанокот Меркел порача дека иднината на сите земји од Западниот Балкан е во обединета Европа. Ова ќе биде последниот самит со лидерите од земјите од регионот на германската канцеларка која најави дека се повлекува од политиката по парламентарните избори во Германија закажани за септември.

„Убедена сум дека, порано или подоцна, вашата иднина е во обединета Европа“, порача тоа преку подкаст во саботата.

Таа го наведе младинскиот форум за Западниот Балкан, со кој се овозможува поголема соработка и размена на млади луѓе во регионот, како „убав успех“ од досегашните самити со земјите од Западниот Балкан. Меркел ги поздрави и напредокот во меѓусебното признавање на дипломите, како и во заедничките сообраќајни и инфраструктурни проекти, како „важни чекори со кои се постигнува прекугранична размена и се надминуваат предрасудите“.

Германија, преку .кн. Берлински процес, организира редовни самити меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан од 2014 година.

„Западен Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тоа е дел од Европа, каде раните од војната сѐ уште не се залечени, а голем број граѓани од таа област живеат и во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западен Балкан. Ние сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа“, рече Меркел.
Таа предупреди дека билатералните спорови во регионот можат повторно да се разгорат и ги повика владите да ги надминат „недовербата и старите национализми“.
Германија притиска за побрзо приближување на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ но, како што пишува агенцијата Ројтерс, Франција и Холандија го кочат тоа. Минатата недела францускиот премиер Жан Кастекс го одби барањето на Косово за визна либерализација инсистирајќи прво да се потпише договор за враќање на одбиените баратели на азил. Франција и Холандија, додава агенцијата, го кочат и почетокот на пристапните преговори со Албанија. Како причина се наведуваат внатрешнополитичките проблеми во двете земји, каде владите се соочени со притисок од радикалните опозициски десници.