Заев: Ќе тужам, се прераскажува и манипулира

Премиерот Зоран Зеав најави тужба за клевета откако на интернет порталот „Инфомакс“ осамна документ со исказот на бизнисментот Јордан Камчев кој го дал во Обвинителството за тоа како, наводно, бил уценуван од Бојан Јовановски и Зоран Милески од септември 2018 до април 2019.

Во текстот се цитираат и други детали коишто ги нема во објавениот документ. Меѓудругото се посочува дека во рекетот бил вмешан и Заев, а тоа наводно, јасно се гледало и од исказите на останатите оштетени и сведоци. Она што најмногу загрижувало, како што се додава, е исказот на Камчев, во кој, наводно, се вели дека премиерот наместо да ги изведе пред лицето на правдата, ги предупредил Зоран Милески и Боки Јовановски дека Камчев ги пријавил за рекет. Притоа се споменуваат и неколку други високи функционери, судии и адвокати за наводна вмешаност во скандалот.

„Прво ја повикувам Јавната обвинителка да ја потврди веродостојноста на записникот кој е направен дали е тоа така. Второ ќе тужиме затоа што тоа не е точно“ рече денеска во Прилеп премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како го коментира исказот на Орце Камчев даден со извештај во Обвинителството, а објавен во еден од порталите синоќа.

Тој истакна дека многупати отфрлал секаква поврзаност со случајот „Рекет“.

„И ден денес стојам на тие ставови. Сакам да биде објавено. Апсолутна обврска е на Обвинтелството да објави дали е тоа така. Јас како што видов има една страна од записник, а потоа се прераскажува, што претставува сериозна манипулација. Ги охрабрувам новинарите да истражуваат, да доловат се што е важно за јавноста, но не да прават манипулации, за што има одговорност. Лично јас, а верувам и Шекеринска, Димитров, Ременски и сите што се спомнати таму ќе ги повикам да поднесеме заедно тужба за клевета и таму да се отворат документите и на јавноста да кажеме дека тој што го напишал лаже“ рече Заев, додавајќи дека ако се докаже дека има вмешани и било кој од политичарите е виновен, ќе побара одговорност.