Заев ќе размисли за пријавување на двојните државјанства на функционерите


Премиерот Зоран Заев, на прес конференцијата за отчет на Владата, остави простор да се размислува и да разгледува евентуална законска регулатива пред стапувањето на функција во Македонија секој кандидат да мора да пријави дали покрај македонското има и други државјанства. Темата стана актуелна во земјата по фалбите од Софија околу тоа колку македонски државјани аплицирале за бугарски пасоши и заканите од тамошни функционери дека ќе им ги одземат на тие што се јавни личности или функционери во Макеоднија, а се многу гласни во антибугарската кампања.  

-Немаме планирано такво нешто ама е вредно за за размислување. Секоја иницијатива е вредна, а ние како Влада слушаме. Пред да донесеме таква одлука би сакал да ги слушнам сите аргументации за тоа, а ќе ги разгледаме секако и меѓународните пракси, одговори Заев нагласувајќи дека забележал дека има таква заложба во јавноста. 

До неодамна, во македонското МНР имаше регулатива со која се ограничуваше именување на амбасадори на земјата во странство ако имаат државјанство од друга земја, но со последните измени таа се ограничи само на државјанството во земјата во која се амбасадорува, иако и тоа не се почитува. Наспроти барањата на јавноста, можноста за именување амбасадори со двојно државјанство по скратена постапка деновиве повторно е промовирана во Собранието.

Имено, измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи што ги предлагаат група пратеници деновиве се скоро идентични со текстот во предлог законот што минатата година го поднесе поранешниот шеф на дипломатијата ипломат Никола Димитров, а кој беше повлечен од процедура кога на функцијата стапи новиот министер Бујар Османи. Сега, зад измените застанаа пратениците Арбер Адеми од ДУИ, Јован Митрески од СДСМ и Кастриот Реџепи од БЕСА, кои информираат дека предлогот е во скратена постапка, бидејќи, како што велат, не е обемен.

Според пратениците, со постоечкото решение, кое предвидува дека лицето именувано за амбасадор треба да е државјанин само на Република Северна Македонија, се ограничува уставното право на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции. Оттаму предлогот е да се избрише зборот „само“, а воедно да се додаде член со кој лицето што има двојно државјанство да не може да биде именувано во онаа држава чиј пасош поседува.

Прашањето се актуелизираше откако минатата година на списокот со предлози на МНР за нови амбасадори осамнаа имиња на лица со двојни државјанства, за кои претседателот Стево Пендаровски одби да даде согласност за нивно именување, се додека постоечкиот закон тоа го оневозможува.

Претседателот на Советот на амбасадори, Љупчо Арсовски е против и смета дека предлоотг со двојните државјанства е голема грешка. Смешен е, вели тој, предлогот да не се испраќаат амбасадорите во земјата од која имаат државјанство.

-Таман работа некој во своја земја да е некој амбасадор, изјави Арсовски за „Слободен печат“.