Заев ќе креира политики, Елези ќе потпишува


Премиерот Зоран Заев ја презема „диригентската палка“ во Министерството за финансии, откако Владата на последната седница донесе одлука со која тој добива посебни овластувања за управување со овој ресор, по разрешувањето на досегашниот министер Драган Тевдовски.

На првата седница откако реконструкцијата помина во парламентот, Владата донесе заклучоци според кои премиерот може да ги насочува дејствата во областа на финансиите и финансиските политики, а заменик-министерката Ширет Елези да презема овластувања и одговорности за раководењето со ова министерство. Тоа би значело дека Заев, како премиер, ќе ги креира финансиските политики, а документите и предлог-законите ќе ги потпишува заменичката во овој ресор, за да се има поголема контрола во трошењето на парите.

– Беа донесени два заклучока. Првиот дека претседателот на Владата ги насочува дејствата на Владата во работите од областа на финансиите и финансиската политика и спроведување на програмските определби на Владата, согласно член 11 став 1 и став 2 и член 35 став 1 од Законот за Владата. Вториот заклучок на Владата е дека констатира оти се настапени условите по член 48 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државата управа, согласно кои заменик-министерот за финансии ги презема сите овластувања и одговорности за раководењето на министерството за финансии – рече Хоџа.

Членот 11 од Законот за Владата предвидува дека премиерот раководи со работата со Владата, одговорен е за нејзината работа и остварува соработка со другите органи. Вториот став, пак, вели дека тој го насочува дејствувањето на Владата во целина и нејзините членови во согласност со програмските определби и насоките што таа ги утврдува. Во членот 35 од истиот Закон, пак, се вели дека за извршување на законите, Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Согласно Законот за организација и работа на органите на државата управа, заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест или други причини не е во можност да ја врши својата функција.

Антикорупциската комисија го опомена вчера премиерот дека треба во најкраток можен период да определи министер за финансии. Дотогаш, тој може само да го надгледува процесот на работата во Министерството, а работата таму ќе ја координира актуелната заменик-министерка.

Првиот план на Заев беше и формално да биде и премиер и министер за финансии, за што тој поднесе предлог и автобиографија до парламентот, паралелно со предлогот за разрешување на Тевдовски. Но се повлече по предупредувањето од Антикорупциската комисија дека такво двојство на функции ќе значи прекршување на новиот Закон за спречување корупција и судир на интереси.

Потоа, премиерот најави дека нема да биде министер, ама ќе раководи со Министерството за финансии до избор на нов министер. На неодамнешната собраниска седница, Заев не даде поконкретен одговор кога би завршило тоа „времено“ раководење со еден владин ресор, кој, инаку, е опфатен и со т. н. пржинска влада, така што 100 дена пред парламентарните избори опозицијата ќе треба да назначи во Министерството за финансии дополнителен заменик-министер со право на вето. Тогаш, и Заев ќе треба да се повлече од кормилото на Владата, за да отстапи место за кадар на СДСМ како технички премиер. Одговарајќи на пратеничкото прашање, Заев само рече дека нов министер за финансии ќе биде назначен најдоцна пред формирањето на техничката влада, што би значело најдоцна до септември следната година. Дипломатите не беа воодушевени од оваа одлука на премиерот.