Заев ќе ја предводи владината делегација на „Отворен Балкан“ во Тирана


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев ќе ја предводи владината делегација која ќе земе учество на редовниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан” која ќе започне денеска со работна вечера на лидерите на трите земји и придружните делегации во Тирана.

Во текот на утрешниот ден започнува официјалната агенда во која е предвиденa лидерска средба на која ќе говорат: Заев, Еди Рама, премиер на Република Албанија, Александар Вучиќ, претседател на Република Србија, Оливер Вархеји, комесар за проширување и соседство (онлајн), Мајлинда Брегу, генерален секретар на Советот за регионална соработка, Емир Џикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница и Марко Чадеж, претседател на Трговско-индустриската комора на Србија.

Потоа следи потпишување на мултилатерални и билатерални договори кои опфаќаат: Договор за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан; Договор за меѓусебно поврзување на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан; Договор за соработка во ветерината, безбедноста на храната, храната за исхрана на животни и фитосанитарната област на Западен Балкан; Договор меѓу Владата на Република Србија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на овластувањата за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (AEOS); Договор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за заемно признавање на овластувањата за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (AEOS).

Потоа ќе следи заедничка прес-конференција на лидерите на земјите членки на „Отворен Балкан“.