Заев ќе има цел мандат, сто дена пред избори премиер ќе биде Албанец


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средбата во Клубот на пратеници со лидерот на ДУИ Али Ахмети соопшти дека имале успешна средба и ја потврдиле рамката за идната коалиција и влада, која наредните четири години ќе работи посветено за интересите на граѓаните. Договорот, според Заев, ќе биде ставен на гласање пред највисоките органи на двете партии, а СДСМ тоа ќе го направи и пред ДПА како иден партнер.

„Јас ја добив честа да бидам претседател на владата во полн четиригодишен мандат. Ќе ја укинеме Пржинската влада, за што поддршка даде и ВМРО-ДПМНЕ.Последните сто денови пред изборите како премиер ќе го вклучам во владата коалициониот партнер“, соопшти Заев.

Идејата за ова решение била да се доближат нашите граѓани, а не да се оддалечат, го дообјасни ова решение Ахмети, кое практично значи дека последните сто дена место технички премиер ќе има премиер од ДУИ. Ахмети ја поздрави храброста на Заев да прифати Албанец премиер во последните сто дена од владата.

„Ова се години на храбри одлуки, а храбри одлуки носат само храбри луѓе“, рече Ахмети.

Заев беше задоволен што договорот е постигнат на самиот почеток на преговорите за влада, заради потребата од брзо ставање во функција на клучните нституции во државата. Потоа, тој ги престави принципите на коалиционата влада што ќе ја предводи, како што рече, тој во полн четиригодишен мандат.

Кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите и еднакво учество на мажите и жените. Нема да се предлагаат министри без ресор со исклучок на вицепремиерите. Платите ќе растат и ќе се вложува во нови работни места, во регионален развој, привлекување на странски инвестиции. Ќе водиме неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа, ќе се спроведе прочистување на судството и проверка на парите и капиталот на секој функционер според најдобрите европски практики. Ќе се работи на тоа да се намалат привилегиите на функциионерите. Заштитата на животната средина ќе биде еден од врвните приоритети на владата.

Заев и Ахмети се согласиле и  на политики кои значат зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите.Меѓу приципите, Заев го спомна и укинувањето на Пржинската влада, промена на  изборниот модел, намалување на администрацијата за 20 проценти и сите вработени по Рамковниот договор  да тргнат на работа во наредните шест месеци. Според него, во Собранието законите ќе се поднесуваат заеднички со претходна координација и ќе има утврден ден за нивно поднесување.

Овие принципи, рече Заев,  ќе ги преточат во заедничка владина програма.Тој му се заблагодари на Ахмети за „големината, трпението и мудроста“ што ги вложил во овој договор нагласувајќи дека останува принципот дека секој граѓанин од која било етничка група може да ја извршува било која функција во државата, вклучувајќи ја и премиерската.

Ахмети  изрази уверување дека денешната одлука ќе биде поздравена од граѓаните и од партнерите во меѓународната заедница.

„Многу е значајно дека денешната коалиција се заоснова на здрави темели и ќе придонесе за сите процеси во државата. Убеден  сум дека денес направивме многу добра работа и дека ќе им служиме на сите наши граѓани, дека оваа коалиција и партнерство за наредните четири години ќе биде меѓу најуспешните“, рече Ахмети.

„Кога доаѓаат избори сите лидери на политичките партии треба да се чувствуваат рамноправно. Бидејќи Ахмети покажа големина, заклучив дека треба тоа да го покаже и СДСМ, така што се договоривме тие сто дена со гласање да дојде на функција кандидат предложен од ДУИ како технички премиер, рече Заев. За да се знае дека секој граѓанин има исти права во оваа земја, секој граѓанин може да избира и да биде избран“, рече Заев.

Околу ресорите, Заев повика на трпение уште некој ден за да органите на партиите ги потврдат овие одлуки. Тој нагласи дека во коалицискиот договор се воделе од принцип за одговорни и чесни луѓе и очекува реакцијата на граѓаните да биде позитивна. Ротација на ресори не е договорена, тој што ќе ја преземе одговорноста за одреден ресор ќе го води до крај, рече Заев.Тој практично потврди дека поделиле конкретни ресори  за конкретни луѓе.

„Легитимно право беше да се има кандидат за премиер. Ако се забарикадираме сите во своите позиции никогаш нема да најдеме решение за доброто на граѓаните. Минатото треба да остане зад нас. Сметам дека целта е постигната за да се испрати порака до граѓаните, Албанци или Македонци. Ова значи дека сме еден чекор напред во засилување на довербата во нашата заедница“, одговори Ахмети на прашањето како објаснува дека не го добил тоа што го ветил на изборите – премиер Албанец во полн мандат.

„Односите меѓу партнерите се градат со взаемна доблест“, порача Заев, овојпат околу неговите тврдења во кампањата дека нема да го прифати барањето на ДУИ за премиерот. Тој потврди дека следен претседател на Собранието ќе биде повторно Талат Џафери. За другите позиции најави дека ќе бидат подготвени да ги соопштат утре вечер. (С.Ј.)