Заев ќе ги мери и последиците од оставките во здравството


 
 
„Кога носите одлука врз основа на акт, етички или морален, мора да му ја мислите – што после тоа, колкава е во суштина вината, колку тие луѓе успешно работеле во минатото…согласно тоа ќе го градам својот став… Мислам и на одговорноста за иднината, како ќе продолжиме, кој и како ќе го менаџира системот, корона пандемијата продолжува, здравствениот систем е и те како важен“, рече Заев.

Тој потенцираше дека прашањето за морална одговорност и за негова оставка станува банално.

„СДСМ има квалитетни кадри кои што можат и Зоран Заев и било кој да го заменат, затоа што секој е заменлив и никако нема да дозволам да навлегувам во прашањето затоа што сигурно и вие приметивте дека стана банално ова целото сите овие денови“, одговори Заев на новинарско прашање.

Според премиерот, моралната одговорност за несреќата во модуларната болница е испорачана од директорите на болницата во Тетово, министерот, како и заменик министерот за здравство.

„Истрагата да заврши да ги видиме резултатите од вештачењето и ќе го кажам мојот став“, рече Заев алудирајќи на тоа дали ќе ги прифати оставките или не од директорите на болницата во Тетово и од министерот и заменик министерот за здравство.