Заев: Ќе бидеме лидери и во енергетската транзиција заради екологија


Како што сега сме лидер во реформите во енергетиката, така во иднина преку практична реализација на енергетските објекти ќе бидеме лидери во енергетиката и во екологијата и во процесот на енергетска транзиција заради екологијата, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Тој нагласи дека екологијата е доминантна тема во Буџетот за 2021 година и оти се предвидени низа на акции и активности што ќе се реализираат со буџетски средства, но и со средства од  јавните и на акционерските друштва на државата.

– Во тој дел доминантна улога има АД ЕСМ каде преку РЕК Битола, РЕК Осломеј и сите свои испостави ќе биде водилка во ваквите аспекти. Пред два дена во Битола ги пуштивме во употреба еколошките автобуси, а во 2021 година ќе следи уште една набавка на нови шест еколошки автобуси, а веќе е започната и постапката за набавка на филтрите во вредност од околу 24 милиони евра, средства на акционерското друштво. Наскоро ќе следува и постапката за филтрите за десулфуризација во РЕК Битола за која очекуваме и поддршка од ЕУ, рече Заев во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека веќе има резултати од целосното санирање на прашината на одлагалиштата на јаловината и додаде дека сега се покриени 87 отсто, за разлика од пред три години кога беше покриена само 15 отсто од јаловината.

– И понатаму ќе продолжиме со сите еколошки активности, а ќе продолжат и инвестициите во гасификацијата, инвертори, замена на системите на греење на јавните здравствени установи. Тоа е еден од нашите 10 приоритети во Акција 21 на кои ќе бидеме посветени во 2021 година и соодветно на тоа имаме и алоцирано буџетски средства, потенцира Заев.