Заев: Катица е виновна што била толку наивна


Фото: Б. Грданоски

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за Канал 5 ја исклучи можноста по изборите да има нови рестриктивни мерки за да се стави под контрола корона вирусот. Според Заев кај нас не се очекуваат поголеми осцилирања во бројот на заразените и поради тоа нема причина да се обновуваат  мерките.Тој сметаше дека верските празници придонеле за овој раст, но дека не држат критиките дека Владата требало да ги забрани собирањата за Велигден и за Рамазан бидејќи тие слободи се гарантирани со Устав.

Во врска со забелешката дека на власт дојде со паролата „Нема правда, нема мир“, но дека на тој план не постигна тоа што се очекуваше, па така зошто би верувале граѓаните дека сега ќе го оствари тоа, Заев рече дека законите за обвинителството и судството се донесени и патот за реформи е отворен, најавувајќи дека првите сто дена ќе го почнат процесот на прочистување на судството за што ќе се формира специјална комисија која ќе вклучи и меѓународни експерти.

На прашањето како гледа на Катица Јанева од денешна перспектива и дали се кае што и дал поддршка,  Заев рече дека и покрај сите опструкции СЈО поднесе 18 обвиненија, заврши многу истраги и предистраги и поради тоа имал доверба во нејзината работа, но сега секако е разочаран.

-Имаа 78 отсто рејтинг во период, тие беа надежта за правдата. Но, јас не ја губам надежта ни денес бидејќи предметите се преземени. Катица е виновна што била толку наивна, што влегла во толку глупости. Како можев јас да проценам дека станува збор за криминалец и да речам  стоп. Беше храбра, но беше беше наивна и навлегла  во незаконски дејствија, рече Заев.

Тој се осврна и на очекувањата од изборите и нагласи зошто е важно на 15 јули граѓаните да излезат и да гласаат за Коалицијата „Можеме“.

-Верувам дека граѓаните ќе излезат во масовен број. Зошто? Бидејќи ако не излезат ризикуваат враќање не режимот. А, безбедноста на гласачите не е доведена под прашање. Сите знаат дека со Венко Филипче, со оваа Влада, со оваа здравствена комисија сме безбедни. Многу поризично е враќањето на режимот што ќе значи враќање на хаосот во здравството и економијата. Затоа бараме поддршка од граѓаните, на 15 јули да ја поддржат нашата понуда преку глас за бројот 3, сподели Заев.

Тој порача дека СДСМ имаат капацитет да ја трансформираат економијата и тоа го докажале изминатите три години.

-Ќе го докажеме и во следниот период и затоа бараме поддршка од граѓаните во среда, изјави Заев во вечерашното гостување.

– Околу 80 проценти од кампањата ни беше посветена на економските теми. Просечната плата ќе биде 34.000 денари за наредните 4 години. Минималната плата ја зголемивме за 60 отсто, од 9.000 на 14.500. Тоа не е доволно, но е базата која е потребна за раст на сите други плати. Во наредниот мандат, ја зголемуваме минималната плата на 20.000 денари. Покажавме и ќе покажеме дека има пари за се во државата само треба да се работи чесно и одговорно, посочи Заев.

Тој најави исто така дека во наредниот мандат ќе ја намалат администрацијата за 20 отсто, но никој нема да остане без работа, бидејќи ќе бидат префрлени во приватниот сектор. Сите седум министри без ресор ќе ги укинеме, иако некои од нив покажаа резултати, рече Заев.Научивме и ние лекции, не бевме сјајни и  сега со ова знаење да можеме да се вратиме ,ќе направивме повеќе, рече Заев.

Околу темата премиер Албанец, Заев порача дека нема предрасуди, но не прифаќа уцена.

И 61 пратеник да добиеме ќе направиме коалиција. Така е здраво за државата. Ќе разговараме со сите кои нема да се постават вака уценувачки. ќе разговараме и со ДУИ. Ние немаме предрасуди, но вака да биде Албанец не. Насер Зибери е мој пријател и јас верувам дека тој ќе гласа за СДСМ. Се работи за уцената, не смејат грашаните да бидат уценувани. Ако се испорача таа, нема да правиме коалиција со ДУИ. Лично мислам дека треба да одат во опозиција.

Околу предизборните ветувања за федерализации, национализации и слични теми Заев рече дека тоа покажува која партија до кој стадиум е во развојот.

-Јас разбирам некој да бара за некого да биде Албанец премиер зошто е способен, зошто е успешен, а само затоа што е Албанец – не, рече Заев.

Околу спорот со Бугарија, Заев не се сомнева дека ќе има решение.

-Докажавме дека ние постигаме договори кои се добри за двете страни. Нема договор ако едната страна губи, и да биде потпишан, тој не живее. Така ќе биде и со Гоце Делчев. Имаме архиви, имаме книги, сите знаат за што се борел, дека е еден од нашите најголеми револуционери. Но, факт е дека и Бугарија го слави. Во вакви околности ќе најдеме решение, рече Заев.

Генерално тој беше оптимист дека неговото време допрва доаѓа и дека може да покаже повеќе.

-Јас сум економист. За мене мегданот допрва доаѓа. Јас во политиката влегов заради економијата, изјави Заев.