Заев ја претстави програмата на новата влада


Фото: Б. Грданоски

Мандаторот за новата влада, Зоран Заев, ја претстави пред пратениците програмата со која од нив бара поддршка да се изгласа неговиот нов кабинет (Линк до програмата: https://www.sobranie.mk/materialdetails.nspx?materialId=a8c37bad-35f6-4dda-b820-4b28a5419092)

-Во политиката исполнувањето на ветувањата на граѓаните го определува интегритетот на личноста на крајот на мандатот. Затоа, денес со чист образ стојам во храмот на демократијата и со предлог за кадри за уште поотчетна влада, рече на почетокот Заев.

Тој се обврза дека како премиер заедно со сите министри ќе покажат  дека можат уште повеќе, па ги наброја идните приоритети, од справување со епидемијата, економијата до предизвиците во надворешната политика.

„Имаме план за иновативна, стабилна ,конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици. Во неа платите ќе продолжат да растат,и со нови пакети и мерки ќе ги помагаме граѓаните. Планираме раст на минималната плата од 20 до 40 проценти и на просечната плата исто така, во зависност од тоа кога ќе се справиме со корона вирусот. Нашите цели се јасни – 20.000 денари минимална  плата  и 34.000 денари просечна плата до крајот на мандатот.

Данокот на добивка и на личен доход останува десет проценти, но ќе останеме  доследни на градењето консензус за прогресивно оданочување во иднина. Ќе ги укинеме парасфискалните давачки, нема да се плаќа фирмарина првата година, ќе се ослободат од даноци сите млади претприемачи, се со цел раст на екоомскиот стандард“, рече Заев.

Тој најави една милијарда евра странски инвестиции и намалување на стапката на невработеност по кризата  по 3 проценти годишно со конечна цел едноцифрена стапка на невработеност до крајот на мандатот. Најави исто така реформа на јавната администрација, изградба на 260 километри државни патишта, доизградба на железниците, одособено на Коридорот 8.

„Доаѓа време на ред правда и дисциплина, време на почитувње на правосудството и неселективно владеење на правото“, ја најави Заев реформата на судството, оценувајќи дека првиот чекор веќе е направен со проверката на имотот на судиите од страна на ДКСК. Предметите на СЈО, кои со години талкаат низ судските лавиринти, според него, мора да добијат разрешница, а ќе се воспостави и систем за проверка на потекло на имотот и на капитал на секој функционер.

За договорите со Грција и Бугарија рече дека овозможиле членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ и посветено ќе продолжат да работат на нивно остварување.

„Имаше моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест. Покажавме дека можеме да живееме заедно. Тоа се европските вредности на кои граѓаните на РСМ се искрено посветени“, оцени мандатарот. Тој најави амбициозна временска рамка за отворање и затворање на преговарачката поглавја со ЕУ и најави дека ќе ги охрабри домашните компании да улествуваат на пазарот на тендери на НАТО кој вреди 4 милијарди.

Според него, епидемијата со корона вирусот  ќе се влоши наредните месеци и затоа се подготвуваат нови пакети и економски мерки, повикувајќи ги граѓаните да ги почитуваат заштитните протоколи. Притоа најави нови инвестиции во здравството и  дека со 33 милиони евра од Светска банка ќе ги подноват сите одделенија за интензивна нега во земјата.

„Апсолутно нема место за стоење на страна. секој од нас треба да се вклучи во остварување на оваа програма“, порача Заев.

Околу загадувањето  тој рече дека нема да има никаков компромис. Ќе се зголемуваат казните за тие што ќе ја загадуваат нашата заедничка животна средина, за да има гаранција дека тоа што ќе го исчистиме денес, утре нема повторно да го загадиме.

„Ова ќе биде мала ефикасна влада која ќе воспостави ритам на трансформација заедно со граѓаните“, порача Заев, пред да ги претстави кандидатите за министри и вицепремиери.

„Ако некој го прекрши законот ќе одговара, ако ги прекрши етичките правила, ќе даде оставка“, тврдеше Заев посочувајќи дека ова ќе важи за сите државни службеници. (С.Ј.)