Владата уверена дека ќе нема одлагање на пописот 


 Повеќе од 82 000 наши државјани од дијаспората ја искористија можноста да се самопопишат со што придонесуваат во креирањето поквалитетни политики за подобра иднина на татковината, објави на својот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев.  

– Ги повикувам сите од нашата дијаспора, од сите краеви на светот, да се приклучат кон овој патриотски чин и да помогнат да добиеме јасна слика за нашите луѓе во странство. Mакедонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите други без разлика на етникумот, сите кои имате македонско државјанство, попишете се!, напиша Заев на Фејсбук. 

На тој начин ќе знаеме, додава премиерот, како да ги подобриме услугите на дипломатско-конзуларните претставништва, но и ќе можеме да го искористиме потенцијалот на дијаспората за развојот на Северна Македонија и за промоција на земјата во светот. 

– Самопопишувањето е многу едноставно, а личните податоци се целосно и најстрого заштитени, вели претседателот на Владата. 

Од Владата пак соопштија истовремено дека попишувањето на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците, или првата фаза од пописот, заврши, а целата операција ќе се спроведе успешно, за што гаранција се строгите протоколи.

Додека првата фаза заврши, процесот на самопопишување на дијаспората преку веб-апликацијата продолжува и надлежните уверуваат дека се одвива без проблеми и оти се отстранети сите технички проблеми. Заклучно со денеска, попишани се над 82 илјади наши сограѓани од странство. Најмногу од Швајцарија – 26 000, Германија – 19 000 и Италија со над 10 000. Од Владата апелираа уште еднаш дијаспората да се попише за што можност има до 21 април.

Од 1 па до 21 април, пак, треба теренски да се спроведе пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава. Според Владата сите активности се одвиваат во насока дека пописот ќе се спроведе а гаранција дека нема да има потреба од одлагање е строгиот протокол и соодветната обука на попишувачите. 

Сите одлуки, посочи Арсовски, Владата ги донесува врз основа на став на Комисијата за заразни болести, кој се разгледува на главниот Координативен кризен штаб, од каде што заклучоците одат на седница на Влада.

Во меѓувреме, во тек е третиот дополнителен повик за пријавување на попишувачи, кој е отворен до утре. Досега се завршени обуките на државните инструктори, кои заедно со комисиите на пописните региони ќе го организираат тестирањето на кандидатите кои се пријавуваат на дополнителниот конкурс за попишувачи.

На новинарско прашање што ќе се преземе доколку не се пополни бројката и на овој конкурс за попишувачи, Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика (ДЗС) рече оти се сигурни дека ќе го имаат потребниот број попишувачи и оти ќе можат со полн капацитет да ги почнат пописните активности на 1 април.

Таа рече дека на почетокот од процесот на попишувањето на дијаспората се почувствувал тивок бојкот, но дека последниве денови наративот е сменет и дека и организации на нашинците се вклучија со повици и апели за учество во пописот и, како што истакна, нагласуваат дека е патриотски чин и долг кон државата да се дадат податоци зашто тие се потребни за развој на државата.

„Кампањата на државата насочена кон дијаспората пред сѐ е дизајнирана преку социјалните мрежи и преку актиностите на дипломатско – козуларните претставништва на земјава во странство. Сметаме дека кампањата добро се одвива и дека добро се информираат луѓето во дијаспората“, рече Георгиева.

Таа нагласи дека не се оправдани страхувањата во дијаспората од злоупотреба на личните податоци, бидејќи секоја злоупотреба на туѓи податоци е кривично дело како според Законот за попис, така и според Законот за заштита на лични податоци. Георгиева додаде дека софтверот за електронскиот попис е така создаден што регистрира давање на погрешни податоци или нивна злоупотреба, бидејќи секое давање на податоци остава трага која може да се следи.