Заев: Избори што поскоро, со внимавање на здравјето на луѓето


Фото: Б. Грданоски

На лидерската средба се согласивме дека сите можности за свикување на Собранието се исцрпени, тоа го потврди и претседателот на СОбранието, и Уставниот суд, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев по лидерската средба.

Потенцира дека ги разгледале опциите кога ќе може да има избори ако се прогласи или не се прогласи повторно вонредна состојба.

Според него, сите се согласиле дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојбата.

Заев кажа дека било договорно Владата да побара попрецизни одговори од ОБСЕ/ОДИХР кога и колкава мисија би можела да прати во земјата и од Комисијата за заразни болести да димензионира протоколи за однесување имајќи предвид дека митинзи нема да може да има, дали може да се оди од врата на врата и слично. Претседателот на државата, според него, треба да одржи состанок со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) за точните термини, како што кажа, „од – до проектирани за потенцијален датум за избори“.

Според Заев, нема поважна работа од здравјето на граѓаните.

– Сите се согласивме дека ќе мора да живееме со корона вирусот, затоа што ниту во светот, ниту во Европа, ниту во Северна Македонија никој не може да каже кога ќе заврши коронавирусот – вели Заев. Според него, само вакцината е гаранција за нормален живот и за нормално одвивање на изборите.

Лидерот на СДСМ рече дека барале барем да се утврди потенцијален датум за избори.

Заев рече дека масовни митинзи нема да има, но Владата во следниот период ќе треба да даде насоки дали може да се оди од врата на врата, колкави собири ќе бидат дозволени.

Според него, есента е ризична за одржување на избори, затоа што можеби ќе има втор бран на корона криза.

Кажа дека опозицијата денеска не била подготвена да зборува за датуми, а според законите и Уставот, по 21 ден, од прогласување на крај на епидемијата, изборите би можеле да се одржат и на 8 јуни.

Ако се продолжи вонредната состојба уште 30 дена, следниот датум би бил во јули, со две недели продолжување на вонредната состојба се доаѓа до датум од 21 јуни.

Заев е убеден дури и ако изборите се одржат наесен, на 29 ноември или 6 декември СДСМ ќе победи.

– Но, СДСМ и коалицијата не се важни, важни се луѓето – порача Заев.