Заев: Иванов нема право да ги помилува осудените за „27 април“


Премиерот Зоран Заев вели дека законски не е можно претседателот да ги помилува осудените за нападот на Собранието на 27 април 2017, одговарајќи на новинарско прашање дали е можно Ѓорге Иванов да ги помилува на заминување, откако до Претседателот стигнале неколку барања за амнестија од осудените.
„Не очекувам аболиција од претседателот Иванов оти не постои такво нешто како законска можност. Со последното давање на аболицијата и со поништувањето, по закон претседателот тоа право не може да го искористи повеќе. Парламентот може во иднина да даде такви права на претседателот, но во моментов такво право не постои“, кажа Заев на настан во Агенцијата за млади и спорт.
За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието на 27 април 2017 се осудени 17-мина, меѓу нив поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков, кој доби 18 години затвор.
До претседателот Ѓорге Иванов пристигнати се повеќе барања за помилување на лица од случајот „27 април“, а во петокот во попладневните часови пристигнато е и уште едно, потврдија од Кабинетот на Иванов за неколку медиуми.
Оттаму, засега нема повеќе информации во врска со тоа за кои лица се бара аболиција и дали е пристигната иницијатива и за други случаи.
Според непотврдени информации кои викендов ги објави ТВ 24, меѓу оние кои бараат помилување е Митко Чавков, како и екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. На предлог листата, наводно биле и имињата на бегалецот Никола Груевски, но и на Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и уште неколкумина други поранешни функционери.
Мандатот на Иванов му истекува на 12 мај, а претседателските избори ќе се одржат на 21 април и 5 мај.