Заев исклучи секаков сомнеж околу набавката на софтверот за МВР
ВМРО-ДПМНЕ денес обвини дека владиниот Генерален секретаријат, во времето на Драги Рашковски, набавил софтвер за сообраќајни прекршоци, кој не е во употреба иако е платен 81.000 евра.
.На огласот на Генералниот секретаријат на Владата во ноември 2019 година за изработка на софтвер за сообраќајни прекршоци, за автоматско казнување во системот „Сејф сити“ на МВР се пријавиле три компании. Победила компанијата Инвока. Софтверот е платен во февруари 2020 година, шест дена пред изборите, и веќе една година не е во употреба. Од МВР како краен корисник на оваа јавна набавка велат дека немаат коментар за набавката која била спроведена по налог на Владата на РСМ.
Од Владата пак изјавија дека „системот ќе биде ставен во функција кога за тоа ќе се извршат потребните синхронизации со базите на податоци од институциите кои треба да го надополнат неговото работење и потребните законски и подзаконски усогласувања“.
Според нив, системот е набавен според сите процедури за јавни набавки и во отворена постапка, истиот е во сопственост на Република Северна Македонија, а понатаму може да биде предаден на користење на која било државна институција. Системот е независен од видот и типот на камерите кои се користат.