Северна Македонија ќе учествува со 10 отсто во сопственоста на гасниот терминал во Александрополис во Грција за што ќе инвестира 6,5 до 7 милиони евра, соопшти денес од собраниската говорница премиерот Зоран Заев.
Информацијата ја соопшти во одговор на пратеничко прашање за процесот на гасификација и за донесениот закон за решавање на спорот меѓу Владата и „Макпетрол“ за сопственоста врз ГАМА, со кој се овозможи државата да стане целосен сопственик на гасоводот.
Покрај нашата земја, учество во гасниот терминал во Александрополис имаат и Грција од 20 отсто, Бугарија со 20 отсто и американска и грчка фирма.
Премиерот исто така посочи дека Макеоднија ќе биде сосопственик и на гасната централа што ќе се гради во Александрополис и која ќе биде со моќност од 800 мегавати што ќе овозможи да се премине кон затворање на еден од блоковите во РЕК „Битола“ и енергетска транзиција на земјата кон поеколошки енергенси.
Заев рече дека токму донесувањетло на законот за решавање на спорот со „Макпетрол“ овозможува реализирање на низа проекти, како што е изградбата на гасниот конектор со Грција со што ќе се овозможи диверзификација на изворите за снабдување со гас, но и поврзувања со Косово, Србија и Бугарија. Со ваквите проектки се овозможува и изградба на гасни централи – како во ТЕЦ „Неготино“, каде што постапката е веќе одмината, така и во РЕК „Битола, но и во Скопје, Струмица и други градови за што има заинтересирани компании.
„Гасификацијата се гради со одлично темпо. Гасоводот ја помина Битола и се гради кон Ресен и кон Тетово и Гостивар, веруваме дека следната година можеме да почнеме од Гостивар кон Кичево, со конечна цел да стигнеме до Охрид, Струга и преку Ресен да го заокружиме прстенот. Гасоводната мрежа има пазарна вредност сега, со тоа што државата е 100 проценти сопственик, повеќе од пола милијарда евра. Тоа е национален гасовод на граѓаните на нашата држава“, рече премиерот Заев.