Заев: Имаме мнозинска поддршка од граѓаните на ЕУ, не постои земја која има проблем со нас


Премиерот Зоран Заев е задоволен од изразената поддршката за остварување на евроинтегративните и евроатлантските процеси при одржаните средби со повеќе европски и светски лидери, за време на неговиот престој во Њујорк, по повод учеството на Генералното собрание на Обединетите Нации (ОН).

-Овде ја користиме приликата да се видиме со сите лидери, имавме средба со дел од европските лидери, дел од светски лидери, со цел да ја унапредиме позицијата на Република Северна Македонија, но и да ја забрзаме и загарантираме одлуката, која што ја чекаме на Европскиот совет, истакна премиерот Заев во интервју за јавниот сервис.

Тој додава дека оваа посета ја искористил за средба со сите лидери влијателни при донесувањето на одлуките за остварување на интеграциските процеси на земјата во НАТО  и Европската Унија.

Во интервјуто позитивно ја оцени првата средба со неговиот грчки колега, премиерот Кирјакос Мицотакис со кого разговарале за идните правци на градење на пријателските односи и имплементацијата на обврските на двете земји, кои што се потребни за реализација на Договорот, а се важни, како што истакна, заради јакнењето на пријателството.

На средбата на премиерите на Северна Македонија и Грција се разговарало и за унапредување на економската соработка.

Премиерот Заев нагласува дека посебно е важно дека нашата земја ја има мнозинската поддршка од граѓаните и од земјите-членки на Европската Унија и дека не постои земја-членка на ЕУ, која што има некој проблем кон Република Северна Македонија.

На прашањето дали за него постои план Б, освен членството во НАТО и отпочнувањето преговори со Европската Унија за земјата, премиерот Заев категорично рече дека нема потреба од план Б.

„Нема и не треба да има план Б. На последните анкети видовме дека близу 83 проценти од граѓаните се за интеграцијата во Европската унија. Така што ние политичарите не треба ни да размислуваме за какви било други планови. Тоа е нашиот план, истакна премиерот Заев.

Додаде дека живееме со европските вредности, кои, како што додаде, ќе ги унапредуваме и низ преговорите низ поглавјата ќе го трансформираме системот за да стане европски систем, а сите ние европски граѓани.

-Сите земји се за нас. Остануваат неколку земји, кои можеби и се познати на јавноста, кои што до крај не се изјаснија. Голем дел од нив, не ја проблематизираат Северна Македонија, сето тоа што е направено. Еден дел од земјите, имаат дискусија регионална за генералниот пристап кон интеграциите. Многу е важно што не постои земја-членка на ЕУ, која што има некој проблем кон Република Северна Македонија. Значи тие сите потврдуваат, дека тоа што се очекувало од нас, е исполнето. Сега внатрешната дебата, дискурсот што постои меѓу лидерите се случува. Затоа сме ние присутни, а уште еднаш им ги потенцираме сите работи што се случија  и во делот на реформите и во делот на Преспанскиот договор, договорот со Бугарија, ефектите што ги имаме со имплементацијата на законите, како борба против корупцијата, владеење на правото, враќањето на правната држава и независноста на правосудството. Сето тоа се чекорите наши кон ЕУ, значи не се само закони донесени дека се имплементираат. Но, овојпат кај нас не се работи за среќа, се работи за завршени работи кои што се пример дури и за Европската унија, тоа што ние го направивме во нашата земја, оцени премиерот Заев.

Во врска со главната порака, која ќе ја испрати в четврток во својот говор, на 74. Генерално собрание на ОН, премиерот Заев подвлече дека таа ги содржи истите вредности и цели, на кои Владата е преокупирана дома.

-Тоа е борба против сиромаштијата, климатските промени, борбата за подобра екологија насекаде, обезбедување поквалитетно образование за сите, економски прогрес и просперитет, рече премиерот Заев во интервјуто дадено во Њујорк, потенцирајќи дека нашата држава дава свој придонес со партиципација на светско ниво за да се постигнат сите овие вредности на одржливиот развој на ОН, како составен дел од преокупацијата на сите институции во државата.