Заев: Има доволна основа за разрешување на Пауновски


Премиерот Зоран Заев порача денес дека е недозволиво јавното полемизирање на првиот човек на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, како државен службеник именуван од Владата, при што порача дека му е пријател, но има доволна основа за негово разрешување, за што ќе решат службите.  

-Не можете да си дозволите јавно да  коментирате  за нешто што е толку транспарентно, да ги понижувате надредените. Ова е прашање кое нашиот народ очекува да го решиме. Тргнато е во сериозен процес тие луѓе (ангажираните според Рамковниот договор) да се распоредат. Вкупно 1.349 беа дел од процесот, 1.182 прифатиле распоредување, не е прашање само дали институцијата ќе ги прифати или не, 13 сами си дале отказ а 38 одбиле и одат на трансфер листа. Сите тие се наши граѓани. Досега земале плата и не работеле ништо. Секој ден да водите полемики со потпретседател и претседател на Влада е пркос што не е дозволен. Има хиерархија, и иако се работи за мој пријател, за Стојко Пауновски, принципите се воспоставени. Ова е доволна основа за негово разрешување, порача Заев.  

Пауновски денес самиот го повика премиерот  да го разреши, бидејќи тој и натаму нема намера да ги вработи административците примени според Рамковниот договор што му ги распредели вицепремиерот Артан Груби. Тој  не  сака дел од упатените 35 административци да ги прими во својот инспекторат затоа што смета дека се неквалификувани за испразнетите места.

– Ако премиерот Зоран Заев не ме разбира, немам што друго да кажам освен дека може слободно да ме разреши на наредната владина седница. Ми даваат 35 луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а таму немаме потреба од нови вработување, туку имаме за во струмичкиот регион и во источна Македонија. Овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Нашата работа е на улица, на терен, а не во канцеларија, немаме потреба ние од администрација – изјави Пауновски.( Н.В.)