Заев: Илија Димовски 2,5 години го кочи изборот на главен државен ревизор


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев вели дека парламентот е задолжен за избор на главен државен ревизор, а тоа се прави во собраниската комисија за избори и именување со која претседава Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Ако мислат со тоа што на таа комисија добија раководство и со тоа ќе ги кочат процесите или нема да бираат одговорни лица на вака важни институции е неодговорно. Ние како политичари може да имаме различни ставови за многу работи, но не смееме да ги попречуваме институциите – рече Заев, по завршување на презентација на проектот „Снајди се со средно“.

Тој кажа дека му е јасно оти одолговлекувањето на избор на главен државен ревизор доведува до неможност на институцијата да функционира, дека за септември немаат земено плата, а нема да можат и да земат плата вработените во Државниот завод за ревизија ни за октомври.

Апелира, побрзо да се заврши со избор на ревизор, затоа што на почетокот на октомври заврши мандатот и на В.Д. директорот.

Од Државниот завод за ревизија вчера испратија писмо до сите релевантни институции со кое укажаа на проблемите со кои се соочуваат затоа што немаат главен државен ревизор.