Заев: Иднината на Европа е со Западен Балкан, а иднината на Западниот Балкан е со Европа
Премирот Зоран Заев, кој денеска учествува на Самитот за Западен Балкан што се одржува во Виена, му се заблагодари на австрискиот канцелар Себастијан Курц за иницијативата и организацијата, порачувајќи дека додека има вакви лидерства посветени на евроинтеграциите еврпската перспектива секогаш ќе биде победник над евроскептицизмот.
-Упатувам искрена благодарност до канцеларот на Австрија, Себастијан Курц кој денес во Виена повторно демонстрира вистинска одговорност и лидерство и кон Западен Балкан и кон Европа. Се додека постојат вакви лидерства посветени на интеграциите, европската идеја нема да може да биде сериозно загрозена, а европската перспектива секогаш ќе биде победник над евроскептицизмот, напиша премиерот Заев на својот фејсбук-профил.
Денешната панел дискусија во Виена, нагласува премиерот, уште еднаш покажува дека иднината на Европа е со Западен Балкан, а иднината на Западниот Балкан е со Европа.
Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, ќе има и билатерална средба со австрискиот канцелар Курц, кој е иницијатор и домаќин на Самитот.