Заев: Идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија

„Знаете дека сме фокусирани на брзо решавање на ова прашање кое што е исправено пред нас. Секако гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија, тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ“, изјави денес премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева дека освен прашањето за Гоце Делчев Бугарија го официјализира и јазикот како отворено прашање со Македонија и која побара тоа да се решава во рамки на Договорот за добрососедство.

Заев на прес конференцијата што ја одржа со помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД, Францис Р. Фанон исто така беше прашан дали ваквото барање на Бугарија, кое излегува од рамките на Договорот за добрососедство го први договорот нефункционален, и дали ќе ја посети идната недела угарија, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, чија посета на Софија е веќе најавена.

Заев одговори дека верува сите тие документи и коментари кои што излегуваат „се само желба за решавање на четвртото историско поглавје или шестата историска личност која што може да биде одлична можност да не сплотува, да не зближува, да го јакне пријателството“.

„Ќе бидеме внимателни во коментарите заради тоа што знаеме дека треба да постигнеме решение кое што ќе носи придобивки на двете страни и ќе биде за добробит и на Северна Македонија и на Бугарија“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе ја посети Бугарија и ќе биде претходница на посетата која тој ќе ја оствари на Бугарија до крајот на овој месец или во почетокот на наредниот, односно, како што кажа многу брзо. Притоа, дополни дека тоа ќе биде можност да се разговара за многу пред се заеднички економски проекти, од кои еден е токму конекцијата со гас и сите можности за унапредување на соработката.

„Верувам дека сето она што претстои ќе биде уште еден сигнал за позитивната соработка во целиот регион, затоа што знаеме дека сите овие историски прашања треба да ги искористиме како потенцијал за унапредување на соработката помеѓу нас бидејќи се отвораат можности во делот на енергетиката, националните гасоводи, меѓусебна поврзаност преку гасификацијата и другите енергетските системи, унапредување на трговијата, меѓусебните инвестиции во двете држави и тн“, рече премиерот Заев. (M.J.)