Заев: И Струга ќе ја направиме според УНЕСКО, на Мерко ќе му ја пратиме фактурата!


Тргна Охрид, ќе тргне и Струга, ако не, ќе ѝ ги земеме надлежностите, порача вечерва лидерот на СДСМ Зоран Заев од предизборниот митинг во овој град.

„Ќе ги вратиме плажите во Струга онака како што е замислено со протоколите на УНЕСКО. Мора да си го сочуваме статусот во УНЕСКО, бидејќи ако го изгубиме, сме изгубиле сѐ. Ова драгоцено бисерче мора да го сочуваме, инаку што ќе им кажеме на децата? Затоа, ќе расчистиме до крај. Градот може да се организира само во согласност со УНЕСКО. Од другата страна на езерото се отстранува сѐ (што е нелегално и го загрозува статусот), ќе се остранува и тука. Не се мешаме во општинската власт, но ако не се почитува тоа, ќе му ја земеме надлежноста на градоначалникот Мерко и на крај ќе му ја дадеме фактурата да ја плати“, рече Заев на митингот.

Околу изборите, Заев ги повика стружани да ја поддржат, како што рече, вистинската приказна, оценувајќи дека не е случајно што е тука на 183-тиот ден од годината, што е точно средина на годината, на 1 јули, што е почеток на втората половина на годината, во среда, во Струга што има прва буква исто како Струмица, а „с“ е слава, заклучувајќи дека дека Струга сигурно ќе слави на изборите, дотолку повеќе што на 15 јули за првпат се одржале Струшките вечери на поезијата.

„Во иднина можат да си прават бајрам на мозокот за делби и поделби на земјата. Благодарен сум на сите етнички заедници што беа солидарни со нас кога се боревме за стратешките цели и кога ги решававме отворените прашања. Сега, кога имаме прјатели, кога сме интегрирани во НАТО, кога сите фронтови пред нас се отворени, сега ли ќе се враќаме во режимот“, запраша лидерот на СДСМ, оценувајќи дека за членството во НАТО и преговорите со ЕУ сме се избориле сите заедно и дека сега сме горда и исправена нација.

„Ако ова беше борба за власт ќе калкулиравме исто како нашите претходници. Затоа не бараме поддршка за гола власт. Се бориме за секој граѓанин и за иднината на оваа земја. Бараме мандат за да го покренеме економскиот живот во земјата. Само треба да продолжиме по вистинскиот пат. Јасна е одлуката. Зар треба да правиме споредба што беше направено за 11 години режим и за две ипол години од нашата власт? Од една страна ја имате Радмила Шекеринска, а од другата страна Игор Дурловски, чие враќање во Собранието ќе биде враќање на местото на злосторството“, порача Заев.

Набројувајќи ги сите досегашни постигања на Владата во однос на платите, проектите, социјалната грижа и слично, тој посочи дека доказ за исправноста на нивните политики е тоа што за две ипол години ја санирале дупката во Пензискиот фонд, што е гаранција и за повисоки пензии кои, како што рече, растеле во оој мандат како никогаш претходно.

„Ветив дека премиер не треба да се биде повеќе од два мандати. Стојам на тоа ветување, но дајте ни уште еден мандат, дајте шанса да држиме економски лекции, не на ВМРО-ДПМНЕ, туку на целиот регион. Имаме работен народ, имаме ресурси, имаме образовни млади луѓе, можеме да бидеме рамо до рамо и со Германците, и со Французите, и со Швајцарците, и со Италијанците. Барам мандат за да покажам како се работи за државата, паметно и со план“, порача Заев.

Тој неколкупати се навраќаше на пораката дека не смее да се дозволи, по целата таа борба режимот да падне, сега да му се отвори пат за враќање со грешните политики, бидејќи како што рече, немаме веќе време за експерименти. И во Струга потсети дека зад ВМРО-ДПМНЕ стојат луѓето на Никола Груевски, набројувајќи ги поединечно.

„Од 800.000 работни места во државата Христијан Мицкоски одбрал да биде асистент баш на татко му. Човекот нема ‘е’ од економија во главата, нема ни од енергетика, а сака да води држава. Не сме светци, направивме грешки. Но, тоа не е причина да останете дома, зошто останувајќи дома го носите режимот назад. Тоа ќе биде ваша одговорност. Треба да излеземе сите и да определиме иднина на државата, да определиме во кој правец ќе се движиме натаму. А, опциите не се којзнае какви. На крајот на денот, конечно и ДУИ ќе оди во опозиција, што е здраво за државата. Треба да ги тргнеме сите кочници. Имам намера да испорачам резултат заедно со вас. Имам намера да ги тргнам сите пречки што ќе ни стојат на пат“, им порача Заев на стружани.

Фијат Цановски, како стружанец и коалициски партнер на СДСМ, им порача на стружани да не се плашат бидејќи, според него, СДСМ пак ќе победи. Тој порача да не се лажат граѓаните околу тоа што можат да очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ, која според него сѐ уште ја раководи Никола Груевски од Будимпешта.

„Веднаш ќе ги закочат преговорите со ЕУ, ќе се вратат меѓунационалните проблеми“,предупреди Цановски на трибината.

Министерката Радмила Шекеринска рече дека 2020 ќе остане да биде тешка година, но, рече таа, ние направивме да биде и историска година, бидејќи станавме членка на НАТО и ги почнуваме преговорите со Унијата. Таа изнесе пораки од луѓе од приватниот сектор со кои разговарала во текот на денот и други кои конкурирале на проектите што ги спроведува владата:

„Едните велат, знаете веќе не се плашиме од власта, кога ќе чукнете на врата знаеме дека не доаѓате со лоша мисла, знаеме дека утре нема инспекции да ни пратите, знаеме дека никој не сака да ни се одмазди ниту сака да ни го одземе тоа што сме го стекнувале со години“, рече Шекеринска. Другите велат, никој не ни се јави, никој не ни постави услови, никој не не проверуваше дали имаме партиска книшка и кого го симпатизираме. Добивме поддршка за прв пат од државата без да вртиме телефони.