Заев и Радев на средба за да го отплеткаат јазолот


Зоран Заев овие денови ќе патува во Софија на разговори пред средбата на европските министри следниот вторник

 

Македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев се сретнаа денеска во Брисел на крајот од Самитот на НАТО во обид во последен момент да се најде решение за тргање на блокадата на Македонија од кое двете страни би можеле да излезат како некаков вид „победници“. Освен што била нагласена заедничката волја за „постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи“ било договорено во текот на оваа недела Заев да ја посети Софија за да се направи последниот обид да се отплетка јазолот и да се најде излез од ќор-сокакот во кој е втурната и самата Европска унија.

Македонската влада во соопштението нагласува дека бугарскиот претседател Радев ја нагласил принципиелната и континуирана поддршка за иднината на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.

„И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на двете држави го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан“, се вели во соопштението.

Двајцата лидери разговарале и за билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната, и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и размена на кадети меѓу двете земји.

Слично соопштение објави и прес-службата на претседателот Радев.

„Изгледите за реален напредок во процесот на евроинтеграција од страна на Република Северна Македонија беа во фокусот на разговорот помеѓу Румен Радев и Зоран Заев. Шефот на државата ја истакна својата принципиелна и конзистентна поддршка за европската перспектива на Република Северна Македонија, како и очекувањето на Бугарија дека овој процес ќе биде олеснет со директен и активен политички дијалог за решавање на отворени прашања во билатералните односи. Договорено е во наредните денови претседателот на Владата на Република Северна Македонија да престојува во посета на Софија“, стои во соопштението од Софија и се нагласува истата реченица од соопштението на македонската влада – дека изградбата на добрососедските односи се важни „за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји“. (Н.В.)