Заев и Пендаровски на Самит Македонија 2025: Да се инвестира во младите


Неопходно е продолжување на борбата против корупцијата, целосно владеење на правото, доследна примена на законите. Бизнисите од своја страна треба да го креваат гласот и да даваат иницијативи.

Во државата има услови, политичка волја и посветеност од сите за економски развој во кој клучни ќе бидат младите кои треба да останат тука и да ги искористат можностите за личен и за општествен развој.

Ова беше порачано на отоврањето на осмиот Самит Македонија 2025 на кој денеска и утре шеесетина говорници ќе дебатираат на 15 одделни панели при што фокусот ќе биде на работните вештини и иновациите во борбата против загадувањето на воздухот.

Претседателот Стево Пендаровски порача дека и понатаму се потребни реформи, не само во економијата, туку во другите сфери, а исто така за создавање на модерна и пропсперитетна држава со млади кои ќе бидат задоволни и со постојан економски развој потребно е да има соработка меѓу политиката и бизнисот и градење на политики според потребите на економијата.

„Во нашата држава е неспорно дека се потребни натамошни реформи не само во економијата туку и во останатите области од витално значање. Без владеење на правото, доверба во институциите и нивно непристрасно и професионално функционирање нема подобрување на бизнис климата. Јас сум свесен сум дека оваа фраза ја повторуваме со години, и дека на бизнис заедницата и на граѓаните им е доста од чекање. Но, навистина верувам дека после сите искушенија низ кои поминавме последниве години, конечно е креирана позитивна атмосфера и постои политичка волја кај клучните фактори и во власта и кај опозицијата да се истрае во намерите и развојот на економијата да стане наш апсолутен приоритет“, истакна претседателот Пендаровски.

Тој исто така истакна дека дигитализацијата е област на која особено треба да се посветиме, пред се поради потенцијалот кој го има нашата држава во ИТ секторот. Поради тоа државата мора да инвестира во младите кои мораат првата шанса да ја добијат тука.

„Дигитализацијата е уште една тема која е во фокусот на годинешниот Самит и би сакал навистина да ја поздравам и оваа иницијатива затоа што и самиот сметам дека со оглед на потенцијалот кој го имаме во ИТ секторот, ова е гранка на која треба посебно да се посветиме – да ги едуцираме младите уште од мала возраст да кодираат, но и да го поддржиме ИТ секторот во целина, со цел, да даде далеку поголем придонес кон вкупниот економски развој на земјата. Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома“, додаде Пендаровски.

Премиерот Заев истакна дека државата интензивно работи за создавање политики со кои ќе се олесни пристап до создавање на нови работни места.

„Владата на Република Северна Македонија интензивно и континуирано работи
на креирање на политики кои на нашата бизнис дијаспора ќе и олесни пристап
до создавање на нови работни места, а нивниот капитал да го донесат во
својата татковина. Впрочем голем дел од нив се впишани и во Националната
стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората
2019-2023 година“, истакна Заев.

Тој смета дека и дијаспората може да помогне за задржување на младите во државата, преку вложување на нивните потенцијали во економскиот развој на државата.

„Ве повикувам низ оваа иницијатива и низ секој можен канал на комуникација да
ги држите живи контактите, да инвестирате во нашите граѓани, посебно во
младите. Оние на кој им е најмногу потребно сега повеќе од било кога да
разберат дека и во нашата татковина се може! Низ серијата политики кои ги креиравме, преку Планот за економски раст, преку поддршката која ја дава Фондот за иновации, преку даночните и други стимулации за малите бизниси, треба да испратиме заедничка порака дека ние сме подготвени да бидеме економски хаб, центар во овој дел од европскиот континент“, додаде тој.

Осврнувајќи се на можностите за нови инвестиции и севкупен развој на државата премиерот упати на можностите од владиниот План за економски раст, позитивните параметри за економската состојба и новите можности што се отвораат со регионалните инцијативи и членството во НАТО.

„Размената на човечкиот капитал ќе се олесни, ќе се олеснат
административните процедури се со цел подобро утре на сите нас. Ве
повикувам активно да ги користите сите овие мерки. Бидете креативни,
создавајте нови иновативни бизниси.

Дојдете дома, кога ги имаме сите услови, треба да работиме заедно со вас, и
на младите претприемачи да им овозможиме светла иднина. Имаме пристап до
пазар со над 650 милиони само во рамките на Европската унија. Дома сме, а
произведуваме за цел континент. Тоа е суштинската придобивка и на
патриотизмот и на либералните економски политики“, додаде Заев, по што упати порака и до претставниците на компаниите присутни на Самитот.

„Тука сме, работиме и за вас и за нашите граѓани. Слободно давајте иницијативи – ги слушаме и имплементираме“.